Димовски: Годинава ќе има доволно пченица, цената треба да ја договорат производителите и мелничарите

Откупната цена на пченицата која е, пред се, договор меѓу производителите и преаботувачите, ќе биде дефинирана врз основа на индикациите од берзите во регинот, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

Според него, Македонија годинава нема да има никакви проблеми со задоволување на потребите имајќи ги предвид досега увезените количини лебно жито и брашно од над 80.000 тони, претстојната реколта и предвидениот откуп од 150.000 тони.

- Врз основа на индексите што ќе ги добиеме, ќе бидат вкалкулирани сите манипулативни и транспортни трошоци до Македонија, со што би требало да се постигне и одредувањето на откупната цена. Во секој случај, мора да се почитува трудот на земјоделците и вложените средства во производството, од една страна, но од друга, и да се земе предвид значењето на мелничарите кои во изминатиот период заради огромниот увоз на лебно жтио и брашно се наоѓаат во незавидна ситуација, истакнува министерот Димовски.

Македонија во првите шест месеци од годинава реализира увоз од регионот кој значително го надминува просекот на изминатите години.

- Оттука, Министерството смета дека треба да ги поддржи и производителите, но и мелничарите за нивна заштита од евентуален енормен увоз на пченица и брашно. Цениме дека е сосема во ред на Владата да и предложиме условување на увозот со обврзувачки откуп на домашното производство, потенцира Димовски.

Македонија годинава ќе произведе околу 280.000 тони пченица или 20 тони помалку поради намалувањето на засеаните површини и пониските приноси што, пак, е последица на долгата есенска суша, ниските зимски температури и актуелните горешитни.

- Разликата од 280.000 до 150.000 тони оди и во потрошувачката на пченицата како сточна храна што не е добро. На Македонија не и недостига жито, има доволно производство, но секоја година е увозно зависна. Сепак, врз основа на професионалното работење на некои компании особено во источниот дел на земјата, имаме неверојатни 7 тони принос по единица површина. Кога ќе се спојат науката, најновата техника и примената на современите агротехнички мерки, можеме да имаме висок принос кон што всушност и се стремиме, нагласува министерот.

Производителите и преработувачите се сретнаа минатата недела во Пелагонија, но по неколкучасовните разговори констатираа дека откупната цена на пченицата ќе ја дефинираат на следниот состанок. Според Сојузот на земјоделците минимумот треба да биде 15 денари за килограм, а од Федерацијата на фармери бараат најмалку 16 денари.