Промовирани нови 24 наслови од проектот „Превод на 1.000 стручни книги“

Премиерот Никола Груевски, министерот за образование и наука Панче Кралев и ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски, денеска присуствуваат на промоција на нови 24 наслови - 14 од областа на биотехничките науки и  10 од областа на архитектурата и градежништвото, во читалната „1000 Книги“ во Градскиот трговски центар. 

Тие се дел од проектот на Владата за превод на 1.000 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија.

До денес преведени се 654 книги, кои се користат на еминентните светски универзитети, а кои им се достапни на академската, но и на пошироката македонска јавност.

- Книгите кои денес ги промовираме ќе бидат од големо значење како за образовниот систем и научната фела од постоечките области, така и за реалните процеси во архитектурата, градежништвото и  биотехничките науки, рече премиерот Груевски на промоцијата.

Верувам, додаде тој, дека и овие книги како и сите претходно промовирани дела од овој проект ќе станат дел општествениот интерес, проучувања, позитивни критики низ научната јавност и дел од предавањата на факултетите низ Македонија.

- Колку повеќе луѓе доаѓаат во допир и црпат знаење од нив, толку поголеми ќе бидат ефектите за нашата држава и стручните кадри во македонското општество. Токму затоа потребно е секој од нас да го вложи својот авторитет, своето име и познавање и да ги промовира овие книги, истакна Груевски.

Како премиер во сиот изминат период, Груевски рече дека бил и ќе остане  постојан промотори на оваа нова литература, затоа што е убеден и сигурен во полезноста од нејзиното користење.

Министерот Кралев посочи дека колку повеќе се наобразуваме, толку стануваме помудри и поспособни успешно да се справме со предизвиците на секојдневието.

- Книгата секогаш била и ќе биде прозорец низ кој се гледа и доживува светот. Овие книги за студентите, но преку читалните и библиотеките и за сите граѓанина Македонија имаат посебна дополнителна вредност, бидејќи тие имаат и психолошка димензија за нив. Самата помисла дека учат од истите книги, како и студентите на светски реномираните факултети, претставуваат голем поттик и мотивација да се надградуваат и едуцираат студентите, рече Кралев.

Можноста младите практиканти, како што посочи, да користат најнова научна литература и да консултираат најнови научни сознанија по одделни области дава придонес во едукацијата и идниот професионален развој, усовршување и оспособување.

- Тоа пак ќе покаже свои резултати во иднина-македонските граѓани да бидат конкурентни на своите колеги од земјите со висок образовен и економски стандард. Можеби еден ден, токму на врвните американски и европски универзитети ќе се учи од книгите на нашите студенти, кои го изградиле своето знаење благодарение на овие книги, рече министерот Кралев.