Попоски: Македонија од Грција очекува стимулирање добри односи, а не провокации

Никакви гестови кои се провокација и кои не можат да придонесат за подобрување на односите меѓу двете земји не се добредојдени. Македонија од Грција очекува добра волја, приближување и стимулирање добри односи, а не провокации, рече денеска министерот за надворешни работи Никола Попоски, одговорајќи на новинарско прашање во врска со грчкото барање македонските туристи кои ја минуваат границата да лепат ознаки ФИРОМ на регистарските таблички.

МНР, додаде, веќе реагираше на дипломатско ниво. Очекувањата се дека Грција ги има предвид приоритетните прашања и сака да се фокусира на она што е значајно за регионот, соработката и поддршката на евроатлантските интеграции.

- Каква било практика која е надвор од правно пропишаните норми претставува само сигнал за непосветеност на надминување на какви било билатерални прашања. Тоа што го имаме упатено како реакција се однесува на почитување на правната рамка, на можноста за креирање дополнителни врски меѓу нашите земји, а не поставување опструкции и провокации кои се противправни и кои не се во согласност со она што би посакувале да видиме како гестови на добра соработка, напомена Попоски по средбата со својот косовски колега Енвер Хоџај.

Според него, се работи за индивидуални инцидентни практики, а не за воспоставено правило.

- На дневна база ја следиме ситуацијата. Постои меѓународна правна регулатива за сите прашања од практичен карактер. Оттука сметаме дека енергијата треба да биде фокусирана на делот на соработката, а не на делот на креирањето бесправни и неосновани провокации од типот лепење налепници. Во секој случај, таква практика врз регистарските таблички кои се целосно во согласност со меѓународно-правната рамка во никој случај нема позитивен одѕив. Во овој момент Грција има приоритетни прашања како привлекување дополнителен број туристи наместо испраќање сигнали на недобредојденост. Сметаме дека тоа ќе доминира во носењето одлуки, тоа и го очекуваме, рече шефот на дипломатијата.

Македонија е фокусирана на градење клима која ќе помогне да се надминат предизвиците од минатото. - Се надеваме дека во тој правец ќе одат и сите наши соседи. Тоа треба да се потврди и со гестови. Оттука, не очекуваме практики кои се надвор од правната рамка и кои само придоенсуваат за дополнителен револт и раздвојување, односно креирање поделби, посочи шефот на дипломатијата.