Премиерот Груевски се сретна со косовскиот министер за надворешни работи Хоџај

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Косово, г-дин Енвер Хоџај.

На средбата стана збор за билатералните односи помеѓу Република Македонија и Република Косово, како и за можностите за нивно продлабочување. 

Претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски истакна дека Република Македонија ја поддржува Република Косово на планот на европските и евроатланските интеграции, при што истакна дека постои подготвеност од македонска страна за пренесување на искуствата во овој домен.

Од страна на претседателот на Владата беше истакната и потребата за зајакнување на соработката во доменот на безбедноста и борбата против организираниот криминал, при што беше посочено дека се очекува тоа да се реализира преку лоцирање и приведување на поголем број на извршители на тешки кривични дела во Република Македонија, за кои постои сознание дека се кријат на територијата на Република Косово.

Двајцата соговорници разговараа и за потенцијалите за продлабочување на економската соработка, особено во делот на енергетското, патното и железничкото поврзување, како и за зајакнување на трговската соработка.

Во тој контекст беа разменети информации околу активностите на двете страни за изградба на автопатот Скопје – Приштина, при што се заклучи дека има можности за координирано изнаоѓање на потенцијални инвеститори кои што би ја финансирале изградбата на овој патен правец.

Двајцата соговорници заклучија дека двете земји треба да продолжат со континуирано унапредување на взаемните односи, при што се оцени дека од особено значење се потенцијалите за продлабочување на соработката во доменот на економијата.