МИОА потпиша договор со Акселтра Дооел за изработка на електронски продавници

Акселтра Дооел  е компанијата која во наредните  три месеци треба да изработи електронски продавници  за  31 бизнис план избрани  на конкурсот на Министерството за информатичко општетсво и администрација за он-лајн тргување.

Договорот за изработка на електронските продавници денеска го потпишаа министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и Адмир Беќирагиќ од Акселтра Дооел.

Со потпишаниот договор треба да се создадат услови за работење на е-продавници според доставените бизнис планови.  Фирмите ќе добијат дизајн на веб-страница  за продавницата, едногодишно бесплатно хостирање, изработка на електронски каталог за максимум 50 производи/услуги, професионално фотографирање на производите, едноставен систем за водење нарачки,  поврзување со процесор за платежни картички.... 

Најголем дел од компаниите чии бизнис планови се избрани да станат дел од проектот на МИОА  веќе работат на македонскиот пазар, како Форнет,  Магна, Мегасофт копјутери, Конструктор Дооел, Тотем дизјан, Никофон Дооел, Виноонлајн, Мартиалко...... 

Министерот Ивановски најави дека  петте веб продавници  што ќе имаат најдобри резултати во текот на наредната година МИОА  ќе ги награди со дополнително  бесплатно хостирање за уште една година и 50 производи.

- Овој проект ќе продолжи. На крајот на годинава повторно ќе биде распишан конкурс  за дополнителни 50 веб продавници во соработка со Министерството  за економија за да им овозможиме на повеќе граѓани да отворат електронска прдавница, но и да може и домашните претпримачи да ги искористат  бенифитите од информатичкото оштество и да ги пласираат своите производи и надвор од Македонија, рече Ивановски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во првиот квартал лани 4,1 процент од корисниците на интернет во Македонија направиле нарачки преку интернет за купување стоки и услуги за лична намена, а во последните 12 месеци 6,7 проценти. Најмногу се купува облека и спортска опрема на што отпаѓа 24 проценти од пазареното на интернет. Во 2011 година своја веб страница имале 60 проценти од фирмите,  од кои 10,4 проценти со можност за купување преку интернет.