Министерството за здравство ќе објави оглас за концесија за еден гинеколог минимум во Здравствената станица во Шуто Оризари

Како еден од најголемите проблеми кој ми беше предочен беше проблемот со недостигот на гинеколог во општината Шуто Оризари. Договоривме веднаш Министерството за здравство да објави оглас за концесија за еден гинеколог минимум. Размислуваме да објавиме концесија и за уште еден гинеколог во период од 15 дена потоа, затоа што сметаме дека за овој простор или оваа концентрација на население потребно е да има минимум два гинеколози.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров кој заедно со пратеникот Амди Бајрам и со менаџерскиот тим на Здраствен дом - Скопје ја посетија Здравствената станица во Шуто Оризари.

Се надевам, посочи Тодоров, дека ќе има заинтересирани гинеколози кои ќе сакаат да се пријават на овој оглас за концесија и да отворат гинеколошка амбуланта или ординација во Здравствената станица во Шуто Оризари.

- Сакавме да се информираме какви се условите во кои функционира оваа Здравствена станица и кои се проблемите со кои се соочуваат жителите на општината. Станува збор за општина во која гравитираат околу 50.000 жители и има околу 13.000 жени во репродуктивен период, а нема гинеколог. Тоа е сериозен проблем бидејќи гинекологот кој бил тука до пред четири пет години е заминат и има недостиг од оваа здравствена услуга во една општина каде има голема концентрација, рече Тодоров.

Тој потенцира дека имајќи го повторно предвид демографскиот аспект, разгледувале можност за отворање на едно рендген одделение и инсталирање на рендген апарат во подрумските простории во Здравствената станица.

- Имаме услови за тоа и со мала адаптација од наредни два до три месеци додека завршат сите процедури можеме да ја завршиме оваа постапка и да инсталираме еден рендген апарат кој го обезбедивме од една друга здравствена станица. По барање од населението и од градоначалникот сметаме дека има сериозна потреба од отворање на една интернистичка ординација, каде  специјалист по интерна медицина  ќе врши интернистички прегледи за сите граѓани кој гравитираат во оваа Здравствена станица, истакна Тодоров.

Очекуваме, укажа тој, тоа да се реализира со новите вработувања во Здравствен дом-Скопје за кои огласите се во тек и по нивно завршување и по приемот на најуспешните кандидати ќе можеме да обезбедиме и еден интернист во Здравствената станица во Шуто Оризари.

- Со овие три чекори ќе направиме еден добар исчекор напред за обезбедување на повисоко ниво на квалитет и достапност на здравствени услуги во општината. Опфатот на вакцинација од 92 проценти е одличен во Здравствената станица во Шуто Оризари и е во постојан нагорен тренд, нагласи Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање рече ќе најдат начини да анимираат поголем број гинеколози и да се обидат барем еден да отвори ординација во Шуто Оризари.

- Невладината организација ХЕРА во Здравствената станица во Шуто Оризари обезбедува гинеколог еден ден во неделата. Да се обидеме овој вакум период да го надминеме со обезбедување гинеколог уште еден ден во неделата и обезбедување уште два или три дена од Министерството за здравство. Тоа е проект за кој ќе разговараме уште денеска во Министерството  и ќе гледаме да најдеме некој модус во овој вакум период додека не се најде матичен гинеколог, посочи Тодоров. 

На новинарско прашање за недостигот од вода при високи температури на кој укажаа лекарите и пациентите во Здравствената станица, директорот на Здравствен дом - Скопје, Тања Баевска Вучковиќ рече дека проблемот од изминатиот период е саниран.

- Беа три пумпи кои не беа во исправна состојба, тие се заменети и сега има вода во објектот, посочи Баевска Вучковиќ.