Груевски: Црвенковски е подготвен да вети се само да не го доживее својот политички крај

Бранко Црвенковски е на работ на бездната во политичката кариера и ништо не треба да не изненади од тоа што ќе го каже. Жал ми е што на човекот по 21 година му текна дека политичка партија во основа мора да биде блиска со народот и не смее да биде елитистичка, изјави премиерот Никола Груевски во врска со најавата на лидерот на опозициската партија дека СДСМ ќе стане блиска до народот.

Според Груевски, лидерот на СДСМ е подготвен да вети и да каже се само, како што рече, да не го доживее својот политички крај.

- Се сеќаваме дека ветуваше многу работи, дека ќе се справи со октоподот во неговата партија, дека ќе има по едно вработување во секое семејство и не знам колку варијанти на името ни предложи и ги смени своите ставови во врска со тоа. Сега ветува дека СДСМ нема да биде елитистичка партија и ќе биде блиска со народот. По 21 година постоње на СДСМ и неговите 20 години како негов претседател се сети дека партијата треба да биде блиска со народот, како што треба да биде секоја партија, како што е ВМРО-ДПМНЕ и како што се многу партии во светот. Имајќи ги предвид овие факти, народот нека пресуди дали овој пат треба да му верува по 21 година и во својата 50 и некоја година од животот дека ќе се промени и ќе почне да делува како секоја нормална политичка партија, рече Груевски по отворањето на новата спортска сала во СОУ „Киро Бурназ“ во Куманово.