Во рамките на активностите со претставници на општините, a во насока на презентирање на приоритетите на новото министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, денес, министерката Сања Божиновска, оствари работна средба со градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков. За време на средбата беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Општина Охрид, со кој се исцртуваат правците на соработка меѓу двете институции во наредниот период.
Имено, согласно Меморандумот, министерството и Општина Охрид изразуваат подготвеност за меѓусебна соработка, помош и поддршка во областите од заеднички интерес, а особено во делот на зголемувањето на енергетската ефикасност на јавните објекти, домаќинствата и индустријата, промовирањето на зелена транзиција преку градење капацитети, вештини и зголемување на свеста, размена на искуства, податоци и обуки за вработените.
Меѓу останатото, за време на разговорот беше разгледана можноста, на јавните претпријатија од Општина Охрид, кои се во групата големи потрошувачи на електрична енергија, да им се понуди електрична енергија произведена од енергетските капацитети кои се во сопственост на државата, за што во претстојниот период треба да се направат дополнителни консултации и анализи.
Инаку, потпишаниот меморандум е прв од ваков вид, а активностите ќе продолжат и во иднина со останатите општини во државата со цел да се намали непродуктивното искористување на енергетските ресурси од страна на локалните власти, со што всушност ќе се намалат и трошоците за граѓаните.