Груевски: Македонија е една од најмалку задолжените во Европа, јавниот долг намален за 12 отсто

Весникот „Економист“, но и сите други меѓународни институции како Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка, Европската банка за обнова и развој - ЕБРД потврдија дека Македонија е една од најмалку задолжените земји во Европа, изјави денеска во Куманово премиерот Никола Груевски. 

Тој подвлече дека со оваа оценка објавена од угледниот весник и посочените меѓународни институции, а која и Владата ја изнесе во повеќе наврати, не се согласува само опозициската СДСМ.

- Од споредбата што ја прави „Економист“, Македонија има државен долг од околу 26 проценти што е еден од најниските во Европа. Јас во многу прилики кажав дека сме со трет или четврт најнизок долг во Европа и тоа го кажуваат сите, не само Економист, Светска банка, ЕБРД и други меѓународни финансиски инстутуции освен СДСМ. Само според нив сме една од најзадолжените земји. Според сите други меѓународни финансиски институции во светот земјата е една од најмалку задолжените со 26 отсто од БДП, а кога дојдовме на власт имавме 39 проценти  од БДП. Значи имаме сериозно намалување на државниот долг во негова релативна смисла како што и се мери, рече премиерот Никола Груевски по отворањето на новата спортска сала во СОУ „Киро Бурназ“ во Куманово.