Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски во своето гостување во „Топ Тема“ на Телма изјави дека соработници на екс претседателот на САД и кандидат, Доналд Трамп сакаат да соработуваат со земјава и се разговара за можни проекти, бидејќи како што потенцираше главен приоритет на оваа влада е дигиталната трансформација, затоа што преку тоа, степенот на корупција, криминал ќе биде жестоко намален.
„Станува збор за корпорации со десетици милијарди долари годишен обрт. Крис Павловски е со македонско потекло, тој работи заедно со тимот на господинот Трамп во делот на развивање на Rumble која е многу важна во процесот на дигитализација, а луѓето кои беа тука господинот Хауард и господинот Нунес се двајца кои се од кругот на најблиските соработници на екс претседателот на САД, Доналд Трамп и тоа се луѓе со големо корпоративно и политичко искуство во делот на дигитална трансформација.“, рече премиерот Мицкоски говорејќи за денешната средба со претставници на компанијата Rumble, финансиската корпорација Cantor Fitzgerald од САД и Трамп корпорација.
Премиерот Мицкоски говорејќи за можностите, посочи дека и претходно се зборувало за идејата „дигитален денар“, да видиме како можеме да се развиваме таа идеја, дали може заедно со блокчејн технологија да направи нешто во кое ќе се обезбеди поголеми приходи за граѓаните и државниот буџет.
„Јас сум горд и задоволен што овие луѓе се тука и со тимови на владата ќе разговараат поделени во два дела, првиот е економски и тука пред се мислам на новите блокчејн технологии, на криптовалутите и можностите како „дигиталниот денар“, и второто е да видиме за дигитализацијата и дигиталната трансформација за сите овие процедури кои ги зборуваме полесно и потранспарентно да ги завршуваме. Станува збор за компании со приходи од десетици милијарди, а господинот Хауард Лутник е практично човек кој во моментот е еден од најважните 10 фактори на светскиот финансиски пазар и ние го имавме во Македонија.“, нагласи Мицкоски.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека ако овој тип на инвеститори ги имаме тука со инвестиција, ќе значи препорака за многу компании, бидејќи истите соработуваат со финансиски инвестиции со трилиони.