Министерот Тодоров ги посети Општата болница и Здравствениот дом во Кавадарци

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ги посети Општата болница и Здравствениот дом во Кавадарци. Посетата ја оцени за успешна, а работењето на здравствените капацитети за добро и најави доекипирање на кавадаречката болница.

Тодоров искажа задоволство од тоа што опремата, набавена од Министерството е веќе во функција.

- За стрес тест се чека некаде до септември. Се договоривме денес преку еден нов распоред на функционирање до крајот на октомври времето на чекање да не биде повеќе од три дена. Во минатото не се водело сметка за човечките потенцијали. Во одделението за радиологија докторот до година ќе оди во пензија, а нема замена, што е  сериозен проблем. Такви работи се случуваат и на други места, па мора да се најдат начини да се среди тоа, изјави министерот Тодоров.

Според него, солидна е состојбата и во Болницата и во Здравствениот дом иако, како што рече, секогаш има простор за унапредување.

- Она што посебно ме радува е тоа што оваа болница нема долгови и од финансиски аспект добро функционира, додаде Тодоров.

Директорот на болницата д-р Орце Ангеловски даде ветување  дека наскоро ќе се набави  и кардиолошка сонда за да почне со работа  ехо-кардиографија.