Презентирани Предлог измените на Законот за управување со отпад

Министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми, на денешната прес-конференција ги презентира измените и дополнувањата на Законот за управување со отпад, кои вчера беа усвоени на седница на Владата, а со кои се вршат интервенции во делот на казнената политика и засилување на инспекцискиот надзор.

- Со предложените измени на законот се очекува да се постигне поефикасно  и поекономично управување со отпад во планските региони за управување со отпад, намалување на најголемо можно ниво на нелегалната трговија со отпад, односно спречување на кражбите, пред се на материјали и предмети од метали,  а со тоа  и заштита  на ресурси и  на животната средина, рече Адеми.

Измените предвидуваат воспоставување законска обврска на општините за регионално здружување и управување со отпадот, пред се комуналниот отпад, на ниво на плански региони за управување со отпад, согласно Националниот план на РМ и тоа преку склучување Спогодба со која ќе се регулираат сите прашања поврзани со функционирањето на таа соработка.

- Ваквото здружување  ќе овозможи побрзо и поекономично градење регионални системи за управување со отпад кои би се состоеле од регионални депонии или  други капацитети за постапување со отпад, како и воспоставуваат регионални тела за управување со отпад (Меѓуопштински одбор за управување со отпад и Регионален центар за управување со отпад), рече Адеми.

Се предлага и заострување на условите за издавање на дозволи  со цел спречување на нелегалната трговија со отпад. Измените, појасни тој, се направени во системот на издавање дозволи за постапување со отпад, со промена на условите за локаците за кои се бара дозволата, односно истите треба да бидат лоцирани вон населено место (во зони со лесна индустрија), воведено е поставување 24 часовен видео надзор за електронско следење на целокупниот тек на отпадот, се воведува и условот за обезбедување на финансиска гаранција или друго соодветно осигурување која ќе се користи за покривање на трошоците за отстранување на штетните последици и оправданите ризици настанати при управувањето со отпадот.

- Со измените на законот  се олеснуваат условите за одземање на дозволи. Односно, според досегашното законско решение  одземањето на дозволата можеше да се направи во случаите кога  три пати  во текот на три години се повредат условите од дозволата. Со измените истите се намалуваат на  два пати во текот на една година. Воедно, дозволата за трговија со неопасен отпад ќе се одземе доколку кај субјектите се пронајдени предмети кои се забранети за откуп, рече министерот за животна средина.

Засилувањето на инспекцискиот надзор, пак се предлага да се врши преку проширување на ингеренциите на инспекторите во насока на спречување на нелегалната трговија, и во таа насока и заострување на казнените одредби. - Новина во измените на Законот е и воведувањето на  законски основ според кој  државни инспектори за животна средина и овластените инспектори за животна средина и полиција) можат да влезат на имот во приватна сопстевност доколку се има сознанија дека се врши трговија со отпад без дозвола или се врши трговија со предмети и материјали што се забаранети за откуп. Со измените на законот се воспоставува можност државниот инспектор да може да врши 24 часовен онлине мониторинг над поставениот видео надзор кај опрераторите, рече Адеми.

Во  делот на   казните се проширува  основот на кривичното дело за недозволена трговија со неопасен отпад:  со забрана за вршење на дејност во траење од најмалку 1 до 5 години, се дава можност судот да  изрекува и споредна казна со која ќе се забрани  издавање нова дозвола на истиот субјект кој го сторил кривичното дело  во период од 3 години   како и  стекната имотна корист  прибавена со кривичното дело да  биде конфискувана.

Со измените се врши и усогласување со Законот за концесии и јавно приватно партнерство. Во досегашното законско решение операторот на депонија за опасен отпад досега можеше да биде само јавно претпријатие основано од Владата, а со предложената измена оператор може да биде и правно лице кое скучило договор за концесија за јавна услуга.

На новинарско прашање за реакциите од граѓани за загадувањето од страна одредени големи производни капацитети во Скопје, Адеми рече дека тие компании веќе аплицирале за добивање интегрирана дозвола. - Тоа е процес кој трае, бидејќи се вршат и преговори. Формиран е тимот за преговори и ние во законски рок ќе треба или да дадеме дозвола доколку капацитетот ги исполнува барањата според Законот и оперативниот план или во спротивно ќе бидеме принудени да преземеме порадикални мерки, рече министерот Адеми.