Униформи за комуналните редари во Скопје

Град Скопје денеска ги промовираше униформите за комуналните редари кои патролираат и казнуваат за прекршување на Законот за јавна чистота. Од фирмата „Епоним“ од Скопје се набавени комплети униформи, летни и зимски, за 44 комунални редари во Град Скопје и во скопските општини, во вредност од 969.500 денари.

Препознатливи се по светло сина кошула и панталони и капа во темно сина боја, со ознака „комунален редар“ на ракавот. Овие чувари на хигиената се уште ги нема во Сарај, а во Карпош се облечени поинаку, зашто општината одлучила самостојно да набави униформи за своите комунални редари.

Според градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, униформираноста ќе го намали бројот на прекршоци зашто луѓето ќе знаат дека има надзор.

- Униформите ќе придонесат за препознатливост на комуналните редари во градот Скопје и, пред се, мислиме дека превентивно ќе делуваат на хигиената во главниот град. Нашата цел не е да ги зголемиме казните, не е да казниме повеќе луѓе, туку да дадеме до знаење дека има лице што казнува  доколку некој не се придржува на комуналниот ред во Скопје, рече Трајановски.

Град Скопје има 19, а осум скопски општини вкупно 25 комунални редари. Правилникот за униформите е дефиниран во соработка со Министерството за внатрешни работи. Министерката Гордана Јанкулоска истакна дека МВР помага во спроведувањето на Законот за јавна чистота за кои се надлежни општините.  

Според неа,  граѓаните се повеќе го почитуваат законот и совесно се однесуваат на јавни места. - Од септември 2008 досега се регистрирани 64.404 прекршоци.  24.212 граѓани се определиле за општокорисна работа во комуналните претпријатија на општините, но има и граѓани кои веднаш ја плаќаат казната, која во тој случај е со намален износ, соопшти Јанкулоска.

Според статистиката, најмногу казни имало за фрлање смет на недозволени места. Во прекршоците спаѓаат и фрлање догорче од цигара и други отпадоци, непрописно депонирање градежен шут, диви продавачи на тротоари...

Мандатната казна е со просечен износ од 50 евра, а може да се замени со неколкудневна општокорисна работа.

Аднан Ајрула, претседател на Одборот за стручна поддршка на мрежата на комунални редари, изјави дека драстично се зголемила свеста на граѓаните откако постои нивната служба. Сепак, се соочуваат со проблеми, пр. да го докажат престапот и да го легитимираат прекршителот.

- Во таков случај имаме право да повикаме  полиција за асистенција и така да ги земеме податоците на граѓанинот. Но, тој може и да си замине од местото, рече Ајрула.

Правилникот за јавна чистота важи за цела држава и комунални редари има и во други општини.