Тодоров: Со новиот ангеограф Струмичката болница ќе стане регионален дијагностички центар

Министерот за здравство Никола Тодоров, денеска беше во работна посета на Центарот за јавно здравје и Општата болница во Струмица при што заедно со менаџментот од болницата ги разгледа просториите во кои треба да биде монтиран ангеографот.

Тој потсети дека од вчера Министерството за здравство го распиша тендерот за набавка на ангеограф во вредност од еден милион евра, кој ќе биде сместен овде во болницата во Струмица. Појасни дека еден од условите на тендерот, освен набавката на ангеограф, е шестмесечна обука на тим од четири доктори во еден од референтни европски кардиолошки центри, како и обезбедување на врвен кардиолог, кој два месеца заедно ќе работи со тимот во Струмица и во клиниката во Штип.

- Очекуваме новиот ангеограф да започне со работа за околу осум до девет месеци со што болницата во Струмица ќе стане регионален центар за дијагностика и кардиологија која ќе дава услуги на граѓаните кои се во животнозагрозувачка состојба, изјави министерот Тодоров.

Според податоците од општата болница во Струмица, неделно се примаат по четворица пациенти со инфаркт, кои бараат брза и навремена интервенција.

Инаку, деновиве Министерството за здравство распиша конкурс за прием на девет доктори и технички персонал со што кадровски ќе се доекипира Општата болница во Струмица, а од септември 15 доктори ќе заминат на специјализација.