Почитувани,
Владата на Република Северна Македонија одржа редовна седница.
Владата денеска ја разгледуваше информација за состојбите со пожарите во државата, при што беше истакнато дека од 13 пожари, два се целосно изгаснати, четири се активни, а другите се под контрола. Најголем проблем предизвикува пожарот во близина на село Брезница, каде теренот е тежок и непристапен.
Во оваа насока беше нагласено дека пожарот кај Косел е под контрола, кај Пласница е изгаснат, изгаснат е и пожарот во делчевско, додека кај зелениковско Вражале е под контрола.
Посочено е дека поминат е исклучително тежок период минатите 10 дена, со 66 нови пожари. Само во месец јули регистрирани се дури 620 пожари.
Беше потенцирана и брзата реакција од Владата, дека по првите поголеми пожари за само неколку часа е прогласена кризна состојба, а се одговори и на барањето за вклучување на Армијата со помош за справување на состојбата. Со тоа, дејствувано е во најкус рок и во тој рок е делувано оперативно на највисок степен. Нагласено беше и дека состојбата ги надмина домашните ресурси, односно тие беа недоволни за справување со огнената стихија, и веднаш од страна на Владата беше побарана странска помош односно активиран ЕУ механизмот за цивилна заштита, со оглед на тешката затекната ситуација и расположливите ресурси.
Се дискутираше и за штетите, но и за причините за толкав број на пожари. Како причини се наведува дека најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор, најмногу ненамерно, заради палење на стрништа, пасишта и меѓи. Во делот на намерно предизвиканите пожари, беше посочено дека преовладуваат криминални мотиви и има повеќе такви случаи кои се испитуваат.
Воедно Владата донесе одлука за награда во износ од 3 милиони денари на кошаркарите до 18 години кои освоија злато на европското кошаркарско првенство. Младите кошаркари издвојуваа 8 последователни победи.
Во однос на ставот на Владата за зголемување на конкуренцијата и намалување на цените на услугите во мобилната и фиксната телефонија Министерот за транспорт Александар Николоски ја информираше владата дека е пристигнато писмо со намери од операторот 4iG Групација.
4iG Групацијата е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот на вселенска и одбранбена индустрија. Во 2022 година, 4iG Групацијата се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и Албанија преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE.
„4iG Групацијата” изрази интерес за анализа на условите за влез на телекомуникациски пазар во Македонија и нудење на услуги во мобилната и фиксна телефонија. Иницијативата е усогласена со стратегијата на “4iG Групацијата” за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан.
Министерството за внатрешни работи предложи информацијата во врска со реформски процес во областа на обуката, односно образованието на кандидатите за полицаец каде се разгледува можноста за враќање на средното полициско образование кое има соодветни предности во однос на досегашните деветмесечни курсови за ангажирање на нови полицајци.
Се донесоа повеќе кадровски одлуки.
•Проф. д-р Сузана Јордановска на предлог на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ја именува за в.д. директор на Државна фитосанитарна лабораторија.
•Ромео Тренов го именува за директор на Управата за водостопанство
•Фикрет Хоџа го именува за вршител на должноста заменик на директорот на КПУ Затвор Битола.
•Гарип Каба на предлог на министерот за финансии го именува за в.д. заменик на директорот на Царинска управа орган во состав на министерството за финансии.
Владата го усвои ребалнсот, поточно дополнетиот предлог Буџет на Република Северна Македонија за 2024 година.
Со овој ребаланс се предвидуваат пари за покачени пензии, повисоки плати во повеќе институции. Средства за реализација на капитални проекти во општините, како и вработувања на 300 нови специјализанти во здравството како дел од проектот за вработување на 600 нови специјализанти, прифатени амандмани во износ од 350 милиони денари.
Со дополнувањето кое ќе се достави на усвојување во Собранието се обезедија надополнувања во:
Државната изборна комисија во износ од 350,2 милиони денари, 147 милиони денари за набавка на опрема во Инспекциски совет, 60.000.000 денари во МВР за набавка на материјали за лични документи, 87,2 милиони за дореализација на Проект Брана Отиња и дополнителни 20 милиони денари се наменети за надомест за одземен имот за Проектот Брана Отиња (експропријација), кај Македонската академија на науките и уметностите 18,7 милиони денари за научно истражувачки проекти и 3,3 милиони за набавка на опрема, како и 138.000 денари за дореализација за набавка на опрема кај Народниот правобранител.
Со Ребаланс на Буџет се обезбедуваат:
- 4,1 милијарда денари дополнителни средства за исплата на плати. Средства потребни за реализација на преземените обврски за зголемувањето на платите согласно потпишаните колективни договори и законските решенија кои беа донесени по усвојување на Буџетот за 2024 година и тоа:
• Колективниот договор на УКИМ и измената на законите за високо образoвание и научно истражувачката дејност,
• Усогласување со минималната плата за вработените каде минималната плата претставува компонента на основната плата
• Усогласување на платите според индексот на трошоци на живот за првите шест месеци од годината, согласно одредбите од Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор и ова право ќе биде исплатено со септемвриската плата на вработените
- 5,1 милијарди денари дополнително за исплата на пензии и обезбедување подобар и поквалитетен живот на највозрасните граѓаните.
Дополнително обезбедени се уште:
- 1 милијарда денари за ТИРЗ,
-за субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор дополнителни 1,7 милијарди денари.
- за студентски оброк дополнителни 437 милиони денари, како и 207 милиони денари за исплата на стипендии.
- за блок дотации планирани се дополнителни средства од 300 милиони денари.
- 800 милиони денари за исплата на камати кон домашни и меѓународни кредитори
5,1 милијарда денари за исплата на активирани гаранции по основ на задолжувања на ЈП и АД во државна сопственост, како и дополнителни средства.