Министерот Попоски се сретна со делегацијата на Народната шангајска асоцијација за пријателство со странски земји

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска ја прими делегацијата на Народната шангајска асоцијација за пријателство со странски земји предводена од потпретседателот на асоцијацијата Ванг.

Како што соопшти МНР, на средбата се разговараше за продлабочување на соработката меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, како и за воспоставување поблиски односи меѓу Шангај и неколку градови од Македонија.

Воедно стана збор и за изнаоѓање начини за зајакнување на соработката во културата и образованието.

Кинеската делегација пројави интерес за поблиска соработка во образованието и најави отворање изложба „Прозорец на Шангај“ во Охрид преку која ќе се презентира историјата и културата на Кина, како и донација на книги за Шангај и соработка меѓу бибилиотеките.