Груевски: Спасот на еврото е централна тема во Брисел

Европската унија е во ситуација да мора целиот фокус на внимание да го стави на финансиските проблеми и на спасот на еврото и на денешниот Самит на Европската народна партија (ЕПП) отворено се разговараше за спас на еврото. Ова го истакна претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, по завршувањето на тричасовниот состанот на првите луѓе на Eвропските народни партии во Брисел.

Според Груевски, било укажано дека на Самитот на Г-20, лидерите на другите економии надвор од Европа барале од ЕУ брзо да најде мерки со кои ќе ја стабилизра ситуацијата, оти кризата на еврото директно влијае на нивните економии, кои и онака не се во многу добра ситуација. Тој додаде, дека по апелот од другите држави побрзо да се справат со ова прашање нормално е сега фокусот во целост да биде на прашањето поврзано со спас на еврото и надминување на должничката криза.

- На денешниот самит на ЕПП имав можност да направам голем број контакти и средби со присутните лидери на држави, премиери или претседатели на опозициските партии од десницата. Имав можност да бидам дел од оваа дискусија и да ги слушнам најновите придвижувања поврзани со кризата во еврозоната. Тоа беше централна тема и централна дебата. ЕПП е целосно фокусирана на овој проблем, за кој отворено се разговараше и беше посочено дека ситуацијата е исклучително тешка, дека не смее повеќе да се губи време и работите да се одложуваат, изјави премиерот Груевски.

Тој додаде дека мора да се оди кон здрави реформи кои не секогаш се популарни, но со цел да не се загуби еврото, како и дека постои подготвеност за таков чекор.

- На овој Самит говореа поголемиот дел од членовите на еврозоната, говореше и германската канцеларка Меркел, претседателот на Европскиот совет Ван Ромпуј и првиот човек на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо. Сите ја оценуваат ситуација исклучително сложена и во основа постои подготвеност да се направат покрупни чекори, додаде првиот човек на македонската Влада.

Според Груевски, на овој Самит се говорело и за создавање на банкарска унија во која Европската централна банка ќе може да дејствува во ситуација кога ќе има неликвидност во некоја од банките на земјите-членки на Унијата.

- Има посериозно незадоволство од делувањето на другиот блок на партии, пред се од социјалистите и либералите, и нивното дејствување во сопствените држави со повеќе популистички, а помалку реформски политики. Некој од нив ги оставија земјите со големи буџетски дефицити и новите премиери од десницата не можат да ги вратат во колосек, што влијае на целокупното делување на еврозоната. Претседателот на Советот, Ван Ромпуј ислезе со општ документ, фокусиран во делот на реформи каде се посочува дека треба да се преземат мерки за здрави економски политики, ниски буџетски дефицити, намалување на задолжувањата и забрзување на растот. Постои цврста волја да се оди во таков правец, посочи Груевски.

На прашањето на дописникот на МИА од Брисел, дали проширувањето на ЕУ на овој Самит, но и понатаму ќе биде на маргините и последна точка на дневен ред, со оглед на окупираноста со должничката криза, претседателот на Владата одговори дека е нормално во ваква ситуација фокусот да биде во спасот на заедничката европска валута и излегување од должничката криза.

- Заклучено е дека се потребни краткорочни и долгорочни мерки и добро е тие да се објаснат пред граѓаните на земјите-членки, оти долгорочните мерки понекогаш тешко се резбираат, а се неопходни во ваква ситуација. Тие даваат побавен резултат и се потшеко објасниви, но се нужни и на дебатата беше кажано дека е потребно да се едуцира јавноста повеќе околу тоа што ќе се превземе во иднина, поради некои непопуларни мерки што ќе мора да бидат превземени, заклучи премиерот Груевски.