Ставрески: Компаниите што поскоро да ги искористат 111-те милиони евра

Со 100-те милиони евра за кои вчера беше усвоен законот и со 11-те милиони евра за кои следната недела ќе биде потпишан договорот, компаниите ќе се извлечат од кризата во која се наоѓаат, смета вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Според него, најважно е сега компаниите да подготват добри проекти и што побрзо да ги повлечат овие средства.

- Вчера беше усвоен законот со којшто 100-те милиони евра ќе им бидат на располагање на компаниите од металургијата и на сите останатите, а следната недела ќе биде потпишан договорот за 11-те милиони евра со што тие ќе станат ефективни за компаниите од преработувачката индустрија. Со овие средства, доколку компаниите подготват добри проекти, убеден сум дека ќе се извлечат од кризата, односно ќе помогнат да ги спасат работните места и да ја надминат оваа ситуација, изјави Ставрески.

Во однос на падот на индустриското производство, Ставрески истакна дека Владата уште пред објавувањето на последните податоци презела активности како што се ребалансот на Буџетот  и евтините кредити наменети за компаниите.

- Уште пред да ги добиеме последните податоци преземавме активности. Едната беше Ребалансот на буџетот со којашто го усогласивме приходниот и расходниот дел од Буџетот и внимаваме да се задржи високо ниво на капиталните инвестиции со цел тие пари преку капитални проекти да завршат во македонските претпријатија. Потоа евтините кредити што ги обезбедивме од Европската инвестициска банка со камата од 5,5 проценти и уште поевтини кредити од 11 милиони евра со 3 проценти каматра што ќе им помогнат на земјоделските преработувачки компании да дојдат до ликвидни средства и да ја надминат оваа ситуација, посочи вицепремиерот Ставрески.

Во врска со најавената исплата на заостанатите плати за вработените од АД ОХИС, Ставрески рече дека на 10 јули ќе им биде исплатена платата онака како што им било ветено.