Силно партнерство и нови можности: Премиерот Мицкоски и турскиот министер Фидан ја зајакнуваат економската и политичката соработка

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денес оствари значајна средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан.

На средбата се разговараше за долгогодишното пријателство помеѓу двете држави, за актуелната политичка и економска состојба, како и за напредокот на Северна Македонија кон Европската унија.

Премиерот Мицкоски истакна дека економската и политичката соработка помеѓу двете држави е од огромно значење и дека има потреба од нејзино понатамошно продлабочување. Во тој контекст, беа дискутирани можностите за зголемено учество на турските компании во македонската економија и за нови инвестиции од Турција.

Како НАТО сојузници, Мицкоски и Фидан ја нагласија важноста на мирот и стабилноста во регионот, потенцирајќи дека дипломатијата останува клучна за решавање на сите конфликти. 

Мицкоски нагласи дека турското пријателство е од огромна важност за нашата земја, а турската заедница има значаен придонес во општествениот живот и економијата на Македонија. Воедно, беше истакнато дека Турција е докажан поддржувач и пријател на нашата земја и дека постои простор за продлабочување на односите во повеќе области.