Министерот Тодоров се сретна со кинескиот заменик-министер за здравство Гуоквианг

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска оствари работна средба со делегација од Кина, предводена од заменик-министерот за здравство, Ванг Гуоквианг. 
 
За време на средбата, соопшти Министерството за здравство, беше утврден заеднички интерес за конкретна и суштествена соработка во сите сфери на здравството и медицината, посебно во насока на продлабочување на соработката и развој на хербалната медицина во Македонија и беше договорена меѓусебна размена на доктори-специјалисти од областите на традиционалната медицина.
 
На средбата беше посочено дека Македонија има добра законска регулатива на поле на фармацијата, посебно во делот на регистрација на хербални лекови, која е поедноставена, решенијата за регистрација на лекови траат неограничено, а увозот се регулира многу брзо, без какви било бариери.

Тодоров посочи дека ќе бидат формирани работни групи во Министерството кои во соработка со претставници од кинеското Министерство за здравство ќе изготват конкретен Акциски план за натамошно продлабочување на соработката во областа на здравството, за меѓусебна размена и едукација на кадри, како и интензивирање на соработката меѓу македонските и кинеските фармацевтски компании.  
 
На средбата  беше посочено дека Македонија нуди добри услови за инвестирање во областа на фармацијата и производството на медицински помагала, тргнувајќи од фактот дека Кина е лидер во производство на хербални лекови и медицински помагала.
 
Исто така, беше посочено дека Република Македонија има добра традиционална медицина и договорена е долгорочна меѓусебна поддршка на билатерален и поширок меѓународен план во областа на здравството и медицината. Изразени се заложби за воспоставување континуиран и брз развој на натамошните непосредни контакти за размена на искуства и знаење во областите на јавното здравје, медицинската едукација, медицински третмани, како и конкретен развој во областа на фармацијата, стои во соопштението од Минисетрството за здравство.