Груевски: 100-те милиони евра за компаниите достапни од јули

Стоте милиони евра обезбедени од Европската инвестициска банка ќе им бидат на располагање на компаниите на почетокот на јули, односно за околу 10-тина дена, најави денеска премиерот Никола Груевски.

- Тоа ќе бидат вкупно 250 милиони евра заедно со оние 150 милиони евра што се користеа во претходните две години. Тие ќе бидат со субвенционирана камата која нема да биде повисока од 5,5 проценти, истакна Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по денешното доделување на договорите за студирање на 100-те најдобро рангирани универзитети во светот.

Нагласи дека се работи за една од најниските камати во моментот и оти таа е субвенционирана од државата затоа што нивната оценка е дека во време на европска должничка криза треба да им се помага на македонските компании.

- Каматата е субвенционирана од страна на државата затоа што сметаме дека во време на европска должничка криза и тешка рецесија во Европа треба да им се помага на македонските компании и затоа одвојуваме средства од Буџетот, потенцира претседателот на македонската Влада.