Груевски: Четири нови и реновирање на 200 училишта и 20 нови спортски сали оваа година

До септември е планирано да бидат завршени две нови училишта, а до крајот на годината ќе започнат да се градат уште едно до две училишта, најави денеска премиерот Никола Груевски.

Одговарајќи на новинарски прашања по доделувањето на  договорите за студирање на 100-те најдобро рангирани универзитети во светот, премиерот Груевски истакна дека во Буџетот се обезбедени и средства за реконструкција и реновирање на околу 200 училишта во Македонија.

- Во овој период тече аплицирањето од страна на училиштата кои сакаат да ги искористат овие средства. Инвестираме не само во ваучери за компјутери и лаптопи, туку и во лаборатории за образованието, во учебници кои се користат на највисоко рангираните факултети, како и во спортски сали, рече Груевски.

Најави дека до крајот на годината ќе бидат завршени 20 спортски сали. - Во минатото немавме спортски сали за пет или 10 години од некои поранешни власти, а сега до крајот на годината ќе имаме нови 20 спортски сали кои веќе се започнати, нагласи претседателот на македонската Влада.