Министерката Канческа - Милевска го посети Театарот за деца и младинци

Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска денеска го посети Театарот за деца и младинци во Скопје и се сретна со директорот Драган Довлев и со вработените.

- Од јануари до овој момент во Театарот за деца и младинци  се одиграни 108 претстави. Голема е посетеноста и многу е значајно што Театарот за деца и младинци е единствена установа, жанровски определена за младата популација, потенцира Канческа - Милевска.

Таа информира дека по подолг период во оваа институција се вработени четири актери со кои, како што рече, се овозможи да се доекипира уметничкиот кадар во овој театар. Вработени се Бојан Кирковски, Емра Куртишова, Мартин Јордановски и Марија Ѓорѓијовска, а со договор е ангажиран и Мики Анчевски.

Овој Театар следната година ќе добие нова сценска, светлосна и тонска опрема.

- Функционирањето и менаџерските способности во самата институција влијаат на развојот на Театарот за деца и младинци, смета Канческа - Милевска.

Како и досега, така и во иднина, потенцира Канческа - Милевска, Министерството за култура ќе дава целосна поддршка се со цел да се развиваат програмските активности кои ги има зацртано Театарот за деца и младинци.

Директорот Драган Довлев рече дека се презадоволни од соработката со Министерството за култура бидејќи имаат средства за нови проекти и за меѓународна соработка.

На Фестивалот „Охридско лето“ на 18 август ќе има премиера на бокачовиот „Декамерон“ во изведба на Македонскиот народен театар и на Театарот за деца и младинци.

Довлев рече дека во моментов работат на најголемиот проект што досега го имале „Декамерон“, во кој играат 14 лица. Според него, со оваа претстава, што од септември ќе се игра на репертоарот во МНТ се прават обиди да заживее младинската сцена и да се привлече младата публика, од 12 до 17-18 години.

Тој информира дека вчера се вратиле од Стокхолм каде ја извеле претставата „Македонска приказна“, во организација на Амбасадата на Република Македонија во Стокхолм и Justin Theater Production. Задутре заминуваат за Шибеник, каде на 3 јули ќе ја изведат „Македонска приказна“.

Од почетокот на годината досега Театарот за деца и младинци има една премиера - „Цветната улица“, финансирана со средства од ЕУ. Оваа претстава Театарот од септември ќе ја нуди на училиштата.