Ристовски: Мешовита група ќе ги истражува злоупотребите со категоризацијата на децата со пречки во развојот

Најголем број од случаите во кои родители ги терале своите деца да глумат дека се со пречки во развојот за да се запишат во специјални училишта и да добијат надомест што државата го исплаќа за ваквите деца се регистрирани во Велес и Скопје.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски кој вчера ја информираше јавноста за ваквите злоупотреби, истакна дека во најголем дел станува збор за семејства кои се во социјален ризик и се приматели на социјална помош.

- Тие ова го гледале како дополнителен извор на економски бенефит. Меѓутоа,  таквото однесување нема оправдување бидејќи на ваков начин се кршат човековите права. Доколку се докажат сомневањата кои  постојат ќе се преземат сите законски мерки,  а за родителите ќе се поведе и иницијатива за одземање на родителското право, изјави денеска министерот Ристовски, по посетата на градинката во изградба во реонскиот центар Аеродром.

Тој истакна дека во координирана активност со министерствата за здравство и за образование провериле документација на отприлика 500 случаи, по што се потврдило дека сомневањата за кои се шпекулирано подолго време се основани.

- Сакам да најавам дека заедно со министерствата за здравство и за образование формираме мешовита меѓуресорска ревизиона група која што дефинитивно по случаен избор и по дојава ќе направи ревизија на поголем број на предмети, речеминистерот за труд и социјална политика.

Додаде дека ќе има одговорност и за лекарите кои ја вршеле категоризацијата доколку се обезбедат потребните докази.

Согласно правилникот што беше промовиран вчера, кој има за цел да ја унапреди работата на комисиите кои ја вршат категоризацијата на овие деца, според Ристовски ќе се воспостави зајакнат надзор на овој процес.