Груевски: Ветувањата исполнети, инвестиции од 2 милиона евра во Детската клиника

Почнува реализацијата на мерката што ја донесе Владата, 50 отсто од парите што се прибираат од регистрација на лекови во Бирото за лекови да се пренаменат и да одат директно за потребите на Детската клиника. Денеска почнува една посериозна реконструкција на Детската клиника која што ќе чини околу 130 милиони денари или над два милиони евра, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

Тој посочи дека во првата фаза ќе бидат сменети прозорците, ќе има 100 нови кревети, ќе бидат реконструирани тоалетите, бањите, санитарните чворови, ќе има нови лифтови, а наскоро ќе почне, за недела, две, и реконструкција на климатизацијата, комплетната климатизација во оваа болница. Ќе има, појасни Груевски, и други работи, севкупно реновирањето ќе биде околу 130 милиони денари или нешто повеќе од два милиона евра.

- Покрај ова, на 7 јули пристигнува вториот дел од опремата која што е набавена, приближно еден милион евра набавена опрема за Детската клиника. Еден дел стигна пред околу две недели кога бевме тука на Детската клиника  и кога ја презентиравме. Вториот дел од опремата пристигнува на 7 јули и со тоа ќе се докомплетира потребната опрема за Детската клиника, рече Груевски, кој во приддружба на министерот за здравство Никола Тодоров ја посети Клиниката за детски болести.

Практично, потенцира премиерот, се она што ни беше побарано од стручниот тим на Клиниката ние го ставивме во набавките кои се направија.

- Ако кажеме дека околу еден милион евра се инвестираат во опрема и над два милиони евра во реконструкција може да се каже дека над три милиони евра се инвестираат во Детската клиника, средства од Буџетот на Република Македонија и од оние 50 проценти од регистрација на лекови кои исто така се буџетски односно државни средства. Тоа е остварување на едно од нашите ветувања. Ние го ветивме ова и доаѓаме во негова реализација, додаде премиерот Груевски.