„Ви честитам на изборот, вашата работна кариера да ја посветите на Армијата, но првенствено на граѓаните, и на државата. И вие и ние заедно со вас почнуваме ново поглавје во вашите животи“, истакна министерот за одбрана Владо Мисајловкси на денешната свечена заклетва на 28. класа питомци во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, – Скопје, на која присуствуваа Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајот Сашко Лафчиски, заменик министерката за одбрана Елфет Исмаили, деканот на Воената академија, полковник Митко Богдановски и останати гости од воено дипломатскиот кор, од Армијата и Министерството за одбрана и роднини на питомците.
Министерот Мисајловски рече дека питомците новото поглавје во својот живот го започнуваат во институцијата која има најголема доверба меѓу граѓаните. Тој додаде дека нивните први чекори се на Воената академија која е респектабилна високо образовна институција во широки рамки од која се излезени многу квалитетни офицери кои дале и даваат значаен придонес за афирмирање и развој на македонската Армија.
Мисајловски им посaка добредојде на питомците од Црна Гора, и Босна и на сите им порача: Во наредниве четири години заеднички и посветено да ги совладувате тајните на воената професија, да се усовршите, затоа што вие ќе специјализирате во област која е специфична и но карактеристична по стандардите, стручноста, дисциплината и најважно соработката. Заедно во следните 4 години ќе учите, ќе се обучувате и ќе придонесувате за развој на нашата соработката. Денес како питомци, а утре како офицери на Армии кои се грижат за безбедноста на своите сограѓани, пример за успех, пример за подготвеност, беспрекорно да ги совладувате предизвиците кои ни претстојат “, потенцира министерот Мисајловски.
„Вие питомците, сте иднината, вие питомците сте драгоцениот потенцијал на македонската армија. Ве очекуваат тешки, но и интересни студии на една солидна академија. Во изминатите, речиси три децении, Воената академија „Михаило Апостолски“, израсна во почитувана институција, призната во регионални рамки, но и пошироко. Должни сме и понатаму да работиме на нејзиниот развој и напредок“, порача Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова.
На денешната свеченост свое обраќање имаше и деканот на Воената Академија, полковник Митко Богдановски кој рече: „Вашата заклетва не само што ве обврзува, туку и ви го трасира патот кон живот исполнет со предизвици, но и со непроценливи можности. Воената професија не е лесна, но е благородна и исполнета со достоинство. Ова е пат кој треба да го изодите за да станете лидери, не само во Армијата, туку и лидери на НАТО алијансата“.
Оваа година на воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ како дел од 28. класа се запишани 33 питомци од кои 25 од Северна Македонија (19 мажи и 6 жени), 5 питомци од Босна и Херцеговина и 3 питомци од Црна Гора.