Груевски: Не го прифаќаме предлогот на СДСМ за кратење на работничките права

Не прифативме товарот на кризата да се решава преку кратење на работничките права, иако СДСМ излезе со таков предлог, бидејќи постојат и други подобри начини за справување со неа, рече премиерот Никола Груевски денеска во Тетово.

- Имаше таков предлог од СДСМ за кризата да се решава врз грбот на најтешко ранливите социјални групи. Како што знаете пратеникот на СДСМ од Тетово, а подоцна поддржан и од други луѓе во СДСМ побараа во Парламентот кризата да се решава на начин на кој ќе се намалат пензиите, социјалната помош и платите во јавната администрација, а некои од нив кажаа и субвенциите на земјоделците. Ние тоа не го прифативме, има многу подобри начини за носењето на товарот на кризата и ублажувањето на ударите од неа така што го отфрливме тој предлог. Тоа си останува политика на СДСМ и тие нека излезат на наредните избори, нека ја предложат и граѓаните нека оценат дали тоа е добро и дали треба да им дадат поддршка, рече премиерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање по по промоцијата на нови 17 наслови од областа на правото и економијатата од проектот „Превод на 1.000 стручни книги“ во Ректоратот на Државен универзитет во Тетово.