Груевски: Кипар да ја продолжи политиката на отворени врати на ЕУ

Премиерот Никола Груевски очекува Кипар, кој од денеска го презема претседателството со ЕУ, да ја продолжи политиката на отворени врати кон Унијата, иако претседавач нема клучна улога во носење на политиките, но сепак има позајакната улога од порано што ја имал. 

- Во основа тој што го има претседателството нема некаков клучен збор во одредувањето на работите, се разбира одредено мало влијание, но ја нема клучната улога за водењето на политиките така што очекувам фер и коректна соработка со Кипар кој ќе биде претседавач во наредните шест месеци. Очекувам валоризација на она што ние го работиме и сме го сработиле и очекувам дека Кипар ќе остане со политиката на отворени врати согласно заслугите кои одамна ги имаме заслужено, но заради причини кои ви се познати, а тоа е блокадата од Грција, засега не можеме да ги реализираме, а тоа е членството во НАТО и ЕУ, рече премиерот Груевски по промоцијата на нови 17 наслови од областа на правото и економијатата од проектот „Превод на 1000 стручни книги“ во Ректоратот на Државен универзитет во Тетово.