Груевски: Меморандум со Строј трансгас од Русија за гасоводната мрежа

Премиерот Никола Груевски најави дека веќе утре вицепремиерот Зоран Ставрески во Москва ќе присуствува на работата на Мешовитиот комитет меѓу Русија и Македонија на кој според претходните планови треба да се потпише меморандум со компанијата Строј трансгас која што ќе го гради во иднина гасоводот низ Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање тој посочи дека можно е во рамките на овие разговори земјата да го добие и Нацрт договорот за Јужен поток, а доколку тоа не се случи во овие разговори очекува тоа да се случи подоцна овој месец, како што најави претходно и претседателот на Гаспром. 

- Очекувам работите што ги договоривме пред десетина дена веќе да почнат да добивааат свој тек понатаму и според роковите кои што претходно ги кажавме да почнат и да се реализираат. Очекувам набрзо по добивањето на Нацрт договорот за Јужен поток и  по потпишување меморандум за соработка, некаде на есен до крајот на септември договор меѓу Македонија и оваа компанија и кон крајот на оваа година и на почетокот на следната да започне градбата на гасоводната инфраструктура во Македонија и да бидеме приклучени на Јужен поток, рече Груевски.

Јужен поток на југот на Русија, потенцира премиерот ќе почне да се гради оваа година во декември, а ќе заврши кон крајот на 2015 година.

- Ќе поминува низ многу држави и ќе има еден крак кон Македонија кој претходно не беше предвиден, но по многуте контакти што ги остваривме руската страна одлучи да ја приклучи Македонија на овој крак што на некој начин ќе и даде енергетска сигурност, ќе ни обезбеди енергетско снабдување со гас на долг период имајќи предвид дека во моментот капацитетот што располага цевка на гас што доаѓа во Македонија од 800 милиони кубни метри, а веќе се искористени околу 500 милиони кубни метри што значи само една гасна централа повеќе и Македонија ќе нема доволни количини на гас, нагласи Груевски по промоцијата на нови наслови од областа на правото и економијата, дел од проектот „Превод на 1000 стручни и научни книги и учебници“.

Тој додаде дека со изградбата на овој нов коридор на гас Јужен поток Македонија на подолг рок ќе обезбеди гас во нашата држава.