Заврши реализацијата на проектот „Поддршка за имплементација на стратегијата за Ромите“

Зајакнување на институционалниот капацитет на координативните структури за имплементација на Националната стратегија за Ромите и Декадата за вклучување на Ромите 2005-2015, заради унапредување на состојбата на Ромите во Македонија, имаше за цел проектот „Поддршка за имплементација на стратегијата за Ромите“, што во изминатите 18 месеци беше спроведен со поддршка на Европската унија.

- Континуираниот процес на градење на капацитетите и оценка на состојбите, на релевантните стратешки и  оперативни документи, при спроведувањето на стратегијата за Ромите и локалните акциски планови се од суштествено значење за унапредување на институционалната поставеност и натамошното креирање на политиките за унапредување на состојбите на Ромите во однос на здравството, образованието, вработувањето и домувањето, рече заменик-министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Зајакнувањето на институционалните капацитети, додаде тој, во рамки на проектот е направено преку зајакнување на оперативната координативна структура за имплементација на стратегијата на Ромите, како и преку Поддршка за имплементација на акциски планови со фокус на локалните акциски планови.

Министерот без ресор и национален координатор за Стратегијата и Декадата на Ромите, Неждет Мустафа смета дека на ваков начин, со зајакнување на капацитетите на институциите кои се задолжени да спроведуваат мерки за подобрување на состојбата на Ромите, како и со нивна подобра координација ќе се придонесе тие да дадат подобри резултати.

Според него, добро е што Владата самостојно, или во соработка со невладиниот сектор и меѓународните организации, веќе има преземено мерки за интеграција на Ромите во општеството, нешто што, како што истакна, веќе дава резултати.

Долги години, рече Мустафа, само се зборуваше за проблемите на Ромите. И сега ги  има, но, разликата, како што истакна, е во тоа што се преземаат мерки за тие да се надминат. Притоа посочи на стипендирањето на Ромите во основното, средното и високото образование, на мерките за тргање на децата Роми од улиците и интеграција во детските градинки...

Евроамбасадорот Аиво Орав појасни дека во рамки на проектот биле направени интервенции на централно и локално ниво, а биле воспоставени и партнерства со сите соодветни чинители кои придонесуваат за подобрување на состојбата на Ромите во четирите приоритетни области, образование, вработување, здравство и домување.

- Поддршката и интеграцијата на Ромите не е трошок, туку корист за општеството. Затоа ЕУ секогаш ја нагласува важноста на одржливоста на ваквите проекти, рече Орав.

Додаде дека ЕУ и натаму ќе ја поддржува Владата во исполнувањето на целите во оваа сфера, како и сите барања за членство во ЕУ.