Денес заменикот претседател на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски присуствуваше на тематската Конференција на Црвениот крст за "Зајакнување на помошната улога на Црвениот крст кон властите во кризниот менаџмент".
Во своето обраќање Димовски ја нагласи благородната мисија на Црвениот крст на Македонија во обезбедувањето поддршка на Владата преку дополнување на јавните хуманитарни услуги во мирновременски околности и за време на итни состојби.
Владата и Црвениот крст имаат специфично и карактеристично партнерство, кое носи меѓусебни одговорности и придобивки, врз основа на меѓународни и национални закони, преку кои се согласуваат за области во кои Црвениот крст ќе надополнува или ќе биде овластен да врши јавни хуманитарни услуги.
Во изминатите години и децении, Црвениот крст секогаш бил меѓу првите организации кои овозможиле помош и поддршка за граѓаните во случаи на кризи и катастрофи, а неговите професионалци и волонтери секогаш активно помагале, како во карактеристичните случаи на бегалските и мигрантските кризи, поплави, пожари, земјотреси итн.
Пожарите, особено големите шумски пожари во летниот период се актуелни повеќе години наназад, а волонтерите на Црвениот крст секоја година активно учествуваа во поддршка на институциите, особено на противпожарните единици, на Министерството за внатрешни работи, на Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и други.
Резултатите кои ги има остварено до сега го позиционираат Црвениот крст како организација која има капацитети и посветеност да биде реален и релевантен партнер на Владата, на институциите и на граѓаните, во справувањето со кризи, кризни состојби и катастрофи, но и да развива корисни политики и практики во мирновременски услови.
Затоа Владата е целосно посветена на подигање на свеста за хуманитарните прашања и се залага за подобрување на условите и правата на ранливите групи, како што се лицата погодени од природни катастрофи, бегалците, болните и сиромашните.