Заменикот претседател на Владата задолжен за политички систем, Димовски учествуваше на отворањето на работилницата "USFS-RFMC PrescribedFire Workshop"

Заменикот претседател на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски учествуваше на отворањето на работилницата "USFS-RFMC PrescribedFire Workshop", организирана од Службата за Шумарство на САД (USFS) и Регионалниот центар за следење на шумски пожари.

Во обраќањето пред присутните Димовски ја  нагласи целта за проширување на знаењата за практиките за управување со пожари, на ниво на предел, со фокус на клучните принципи на пропишано горење и примената во САД, Турција, Германија, Грција и регионот на Западен Балкан.
Заменикот на претседателот на Влада се осврна на зголемениот број на пожари, нивниот растечки интензитет и влијание во глобални рамки и на регионално ниво на Западен Балкан и во Македонија.
Клучната мерка на современата доктрина за намалување на ризикот од пожари е насочена кон управувањето со горливиот материјал и употребата на пропишаните пожари.
Пред присутните експерти и практичари од областа на шумарството, управувањето со шумските пожари на ниво на предел, цивилната заштита и управувањето со ризици Димовски ја потенцираше потребата за нивно вмрежување и активно учество со сугестии, препораки и предлози во владината работна група задолжена за трансформација на системот за управување со кризи и изготвување на модел на ефикасен систем кој ќе биде подготвен да се справи со сите ризици.