Димитриеска-Кочоска: Даночното затајување е предизвик на сите земји, клучно во борбата е соработката и размената на податоци 

Даночното затајување е предизвик присутен во сите земји, како во неразвиените, така и во развиените, затоа соработката помеѓу земјите и  размената на информации е клучна во борбата со овој феномен, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели што се одржува во Парагвај.

„Даночното затајување е насекаде присутно, дури и во развиените земји, затоа поддршката е потребна на сите, не само на земјите како мојата. Кога се зборува за даночно затајување не е важно само законодавството што ќе се усвои, туку многу поважна е волјата на Владата да успее во борбата со него„, рече министерката.

Наведувајќи дека Македонија е членка на ОЕЦД од 2011 година и дека тоа што се уште има  висок процент на економска даночна евазија, корупција, сива економија, криминал, значи дека се прави нешто погрешно.

„Овие пет месеци по преземање на функцијата ги искористив да ги анализирам работите и забележав дека се започнува со политичката волја и даночната администрација. Како пример во 2022 година до нашата даночна администрација имало 24 барања за размена на податоци, а од наша страна само 5. Тоа го покажува интересот на нашата администрација за ова прашање. Затоа приоритет на новата Влада е да се бори со корупцијата и криминалот што претставува  единствениот начин како да ги зголемиме приходите во нашиот буџет. Имаме рамни и многу ниски даночни стапки и огромна сива економија и врз основа на тоа одлучивме дека е време да се работи на намалување на сивата економија. Во таа насока, а со цел ефикасно собирање на приходите потребно е да разменуваме информации и користење на сите капацитети што ни се на располагање“, истакна министерката и додаде дека  даночната и царинската администрација се фокусирани на собирање на приходите и борбата со даночното затајување.

Министерката посочи дека размената на информации е многу важна и дека таа треба да се одвива автоматски, а не по барање, особено имајќи го предвид воведувањето на глобалниот минимален данок.

Министерката учествуваше на панел-дискусија посветена на напредокот на имплементација на стандардите за автоматска размена на информации.