Заменик претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, вчера во Подгорица се сретна со Вицепремиерот на Црна Гора задолжен за политички систем, правда и антикорупција, Момо Копривица.
На средбата беше констатирано дека двете земји имаат пријателски односи, без отворени прашања, подготвени да соработуваат и да се помагаат меѓусебно.
Заменик претседателот на Владата Фетаи му честиташе на неговиот колега Копривица за напредокот на Црна Гора на интеграцискиот пат. „Успехот на Црна Гора и на Албанија за членство во ЕУ е мотивација и за останатите земји на Западен Балкан “, рече Фетаи.
Тој кратко го запозна домаќинот со активностите и предизвиците на работата на неговиот кабинет и изрази подготвеност за соработка на разни теми од обостран интерес. Посебно го истакна функционирањето на црногорскиот совет за координација на борбата против организираниот криминал и корупција и системот за конфискација на нелегален имот.
Вицепремиерот Копривица информираше за позитивниот извештај на ЕУ за Црна Гора за правосудство и темелни права и затварање на четири поглавја во разговорите со ЕУ.
„ Црна Гора има извесна перспектива за членство во ЕУ. Тоа е дополнителна инспирација и за другите земји од регионот“, рече Копривница додавајќи дека напредокот на неговата земја се должи пред се на пресудите за корупција против високи јавни функционери.
Тој рече дека црногорската влада е подготвена да и помогне на Северна Македонија со нејзиното знаење и експертиза стекнато за време на преговарачкиот процес со ЕУ, но и за други области, за кои има интерес од македонската страна.