Смешно е кога се прават теории на заговор за некакви оски во услови кога затекнавме катастрофална состојба во Железницата. Слушавме за бајковити проекти од 300-400 милиони евра, а вработените плата не можеа да им однесат на семејствата. Патнички возови и да немаше а наследивме нула локомотиви и дваесетина композиции кои што чекаа на граница бидејќи немаше како да бидат пренесени. Сега состојбата е сменета, оваа Влада започна со реформирање на Железницата и до крај на годината ќе покаже позитивни резултати, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски на одговор на пратеничко прашање.
Тој потенцира дека сега се оспособени патнички возови за сообраќај како и шест локомотиви, а до крај на годината ќе бидат функционални вкупно девет локомотиви со што Железница извесно е дека за вторите шест месеци откако се формира Владата, ќе заврши со позитива во работењето.
Во однос на пругата за Коридор 8, вицепремиерот Николоски истакна дека до крај на годината ќе се заврши изградбата на првиот дел од Куманово до Бељаковце, додека за втората фаза рече дека проблемот со слабиот прогрес на работа е во фирмата изведувач.
„За втората фаза изградбата оди многу бавно и основната причина е изборот на изведувач. Избрана е компанија која целосно неодговорно работи и не ги исполнува обврските. Во моментов реализацијата е 27, 3 % а рокот за завршување е октомври 2026 година и би сакал да го повикам Обвинителството да испита како оваа компанија е избрана. Се работи за компанијата Ѓулермак. Во која постапка е избрана и да дадам некои наводи, дали е манипулирано со должината на шините и начинот на монтирање на истите и на тој начин е отфрлена конкуренцијата? За исто ова имам доставено пријави до Обвинителството, но досега ништо не работат, па да ги мотивирам да поработат. Јас не се кријам, кривичните пријави лично сум ги потпишал” - истакна вицепремиерот Николовски
Во однос на третата фаза, вицепремиерот Николоски потенцираше дека оваа Влада иако била критикувана од Бугарија постапила домаќински бидејќи заштедени се пари на граѓаните.
„Во однос на аргументи, фудбалски кажано Бугарија ги добивме со 3-0. Трите наши аргументи се прифатени и очекувам да соберат храброст и да се одржи и третиот состанок во Скопје. Еве оваа недела требаше да се одржи во Скопје, но одолговлекуваат. Нека соберат храброст да ја затвориме оваа тема. Нашите аргументи се јасни. Да се направи ревизија на цената, мора да има заеднички проект за потенцијално тунелот кој треба да ги спојува двете држави и трето да си го завршат нивниот дел да се спојат до границата. Поентата на изградба на оваа пруга е да се споиме и да имаме воз од Скопје - Софија - Црното море. Во однос на другата страна на коридор 8, нашиот сосед има некоја железница од времето на Енвер Хоџа која е нефункционална и завршува во местото Лин. Но ако следете медиуми тие почнаа да работат на две железнички линии кои што не се поврзани со Македонија, а тоа е Драч -Тирана и другата што сакаат ја да градат е од Валона -Драч – Бар и да се поврзат со пристаниште Бар и целосно го игнорираат потенцијално коридор 8. И да се запрашаме, дали треба да се трошат пари за нешто што нема да не поврзе со никого, па мислам дека подомаќинско мислење од ова нема”- изјави Николоски.
Како што истакна вицепремиерот Николоски, Македонија работи на стратешкиот проект за брза пруга на коридор 10 кој треба да биде крвотокот на македонската економија.