Фетаи: Не само закони, туку и култура и свест во борбата против корупцијата

Заменик-претседателот на Владата, Арбен Фетаи, денес ја посети Битола, каде што учествуваше на Антикорупцискиот караван организиран од програмата „Граѓаните против корупцијата“, финансирана од УСАИД и спроведена од МЦМС.

Во своето обраќање, г. Фетаи истакна дека борбата против корупцијата не е само прашање на донесување закони и административни процеси, туку бара културна трансформација која ќе ги опфати сите нивоа на општеството. Тој нагласи дека успехот во оваа битка подразбира зајакнување на институциите, едукација на граѓаните, заштита на пријавувачите на корупција и продолжување на меѓународната соработка.

Антикорупцискиот караван обедини значајни претставници, меѓу кои УСАИД, Државната комисија за спречување корупција, Финансиската полиција, Јавното обвинителство во Битола и Општина Битола, демонстрирајќи интегриран и сеопфатен пристап за отворање соработка со граѓаните.