„Денеска се наоѓам во Хидробиолошкиот завод - Охрид, поводот е порибување на Охридското езеро согласно договорот кој го склучивме во Министерството со Хидробиолошкиот завод - Охрид и Институтот за сточарство и рибарство согласно Програмата од 2024 година”, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Обврската е да се пориби Охридското езеро со минимум 400.000 единки охридска пастрмка кои се одгледани во Хидробиолошкиот завод - Охрид, и 200.000 единки од Институтот за сточарство и рибарство”, додаде министерот.
Тој истакна дека е информиран од Хидробиолошкиот завод- Охрид дека иако минимумот беше 400.000 единки, сепак се одгледани 620.000 единки со кои ќе биде порибено Охридското езеро во наредниот период. Од Институтот за сточарство и рибарство информираа од минимум 200.000 единки одгледани се околу 350.000 единки на охридска пастрмка.
„Ова е показател дека по шест години застој продолжуваме со порибување на она што претставува наше најголемо богатство, а тоа е охридската пастрмка”, истакна министерот Трипуновски.
„Имаме зголемување на средствата во однос на Програмата за рибарство и аквакултура. Договорите за идната година склучени со Хидробиолошкиот завод – Охрид се од 3,3 милиони денари, додека со Институтот за сточарство и рибарство изнесуваат 1,7 милиони денари. Вкупниот број на риби кои што треба да бидат одгледани од страна на Хидробиолошкиот завод – Охрид се околу 1,1 милион единки со просечна тежина од 3 грама. Додека Институтот за сточарство и рибарство има обврска да одгледа околу 570.000 единки”, додаде министерот Трипуновски.
Тој посочи дека идната година Охридското езеро ќе се пориби со над 1,6 милиони единки. - „Како Министерство работиме да го одржуваме рибниот фонд“, заклучи министерот.