Ставрески: Исплатени над 740 милиони денари субвенции на лозарите и винариите

Државата ги исплати во целост субвенциите на лозарите и винариите. На 23.500 земјоделци Владата им исплати над 740 милиони денари.

- До последен денар се исплатени средствата за лозарите и винариите. Преку 740 милиони денари исплативме, токму само за оваа намена во која се вклучени околу 500 милиони денари кои се исплатени за постоечките лозови насади и за двата денари по килограм грозје што ги обезбедивме. Исплатени се средства и за винариите и за новите лозови насади, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска во Неготино каде имаше средства со стопанственици од Неготино.

Тој информира дека средствата се легнати на сметка на земјоделците. Истакна дека земјоделците и сите оние кои се занимаваат со производство на грозје и со преработка можат да сметаат дека и во иднина ќе ја имаат поддршката од Владата бидејќи тие пари, како што наведе, не се важни само за лозарите и винариите, туку за вкупното стопанство, бидејќи преку обртот влегуваат во многу други фирми и на тој начин се чувствува поддршката во Неготино, Кавадарци и сите региони каде има исплата на субвенции.

Покрај субвенциите, како поддршка на македонското стопанство, министерот ги посочи и обезбедените 111 милиони евра и ги повика да се обратат што побрзо во банките и Македонската банка за поддршка на развојот да ги искористат.

- Ги информирав неготинските бизнисмени што побрзо да се обратат во банките и Македонската банка за поддршка на развојот да повлечат пари, односно 100-те милиони евра кои ги обезбедивме од Европската инвестициска банка со камата од 5,5 отсто за која буџетот субвенционира дел од каматата за да бидат поевтини парите за стопанствениците и уште 11 милиони евра кои ги обезбедивме со докапитализација на МБПР со каматна стапка од само 3 отсто наменети за претпријатијата кои се занимаваат со откуп, преработка и извоз на земјоделски производи, а такви има доста во регионот на Тиквешијата. Нема поевтини средства на пазарот, нема подобри услови во Европа од овие што ги обезбедивме ние и верувам дека тоа ќе им помогне на македонските компании да ја пребродат оваа нова европска криза и намалените нарачки од Европа да обезбедат ликвидни средства, а се надевам понатаму и средства за инвестиции, рече Ставрески.

Тој додаде дека на средбата станало збор и за подолгорочните мерки што ги обезбеди Владата. Ги информира за проектот за гасификација на Македонија кој, како што истакна, е посебно значаен за Неготино бидејќи овој град е определено како приоритет за првиот крак, оној што треба да оди од Клечовце до Неготино и евентуално приклучување на ТЕЦ Неготино во таа фаза кога ќе биде изготвен кракот. Тоа  според него ќе помогне долгорочно да се намалат трошоците на претпријатијата во овој регион и цела Македонија за енергенсот што е значајно стратешко прашање.

Миниситерот Ставрески потенцира дека голем потенцијал за извоз на македонски земјоделски производи е рускиот пазар и оти во последните години  има значително зголемување на извозот.

– Тоа го направивме преку договори кои ги потпишавме во изминативе две години со министерот за земјоделство и со бизнисмени од Македонија и Русија. Ги отворивме вратите за пласман на раноградинарски и други земјоделски производи, но останува отворено прашањето во делот на преработените производи, рече Ставрески и додаде дека со активностите што ги презема Владата, директните средби и разговори меѓу бизнисмените од Македонија и Русија  ќе се зголеми извозот на земјоделски и на други производи во Русија.