Средба на Попоски со претседателот на Стопанската комора на Хрватска Видошевиќ

Можностите и поволностите за инвеститорите во Технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ) во Република Македонија, особено во делот на енергетиката и инфраструктурата биле тема на денешната средба во Загреб на министерот за надворешни работи Никола Попоски со претседателот на Стопанската комора на Хрватска Надан Видошевиќ и претставници на најголемите хрватски фирми кои соработуваат со Македонија.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на средбата со бизнис заедницата, министерот Попоски нагласи дека Владата на Република Македонија континуирано работи на подобрување на бизнис климата и условите за работа, подеднакво за домашните и странските компании. Дополнително истакна дека целта на Македонија е економски раст, развој на приватниот сектор и отворање нови работни места. Тој посочил оти дека во делот на макроекономските индикатори Македонија има стабилно макроекономско окружување при што значително е зајакната финансиската регулатива. 

- Шефот на македонската дипломатија ја искористи приликата за да ги истакне можностите за влез на инвестиции на хрватски компании во Република Македонија, по пристапувањето на Хрватска во ЕУ, особено заради користење на преференцијалниот третман во трговијата со земјите од регионот преку имплементација на ЦЕФТА 2006, стои во соопштението.

Од нивна страна, како што е наведено, изразено е задоволство од соработката со Република Македонија и условите кои ги нуди на странските инвеститори.

Попоски се сретнал и со претставници на Заедницата на македонското национално малцинство во Република Хрватска. Во присуство на голем број здруженија и совети на македонските национални малцинства беше разговарано за позитивните регулативи на Република Хрватска кон националните малцинства и во тој контекст добрите услови што ги нуди Хрватска за промовирање на нивната култура.

Од страна на Заедницата на македонското национално малцинство, министерот Попоски беше информиран за голем број успешни проекти кои што се финансирани од Хрватската влада, но исто така беше побарана дополнителна поддршка за проекти и од страна на Владата на Република Македонија, се вели во соопштението од МНР.