Ѓорѓиев: Македонија не сака вештачки дебати, предлагаме конкретни средби и иницијативи

Почитувани претставници на медиумите, дозволете најпрво да ви се заблагодарам за вашето присуство на денешна прес конференција на Владата, на која би сакале да се произнесеме околу поедини актуелности поврзани со македонско-грчките односи, а во светлото на изјави и постапки на претставници на грчката држава.

Би сакале да истакнеме дека ние нема да дозволиме да бидеме вовлечени во било какви нецелисходни надмудрувања, и дебати, кои имаат за цел да ја дефокусираат јавноста од суштината на нашите односи, а тоа е неопходноста од изнаоѓање на решение за деценискиот спор кој нашиот јужен сосед ни го наметна, решение на спорот за името.

Навраќањата и поттикнувања на дебати, кои не водат кон создавање на добра атмосфера за динамизирање на дијалогот помеѓу двете страни, се целосно непродуктивни и ние на нив гледаме како на обид за создавање алиби и затскривање на непосветеноста за изнаоѓање на решение за отвореното прашање меѓу двете земји.

Улогата на нашиот сосед Грција во регионот е сериозна и значајна и како таква треба да се насочи кон помагање на интегративните процеси на земјите, кај кои тоа е потребно, преку промовирање на европските и евроатлански вредности на овие простори, наместо од друга страна спротивно на оваа неопходност, да се создаваат вакви вештачки и непотребни теми, кои не се во прилог ниту на нивната, ниту на нашата земја, ниту пак на регионот, вештачки теми кои одземаат енергија и го губат фокусот од главната цел.

Помина доста време, без посериозни реакции од страна на нашиот јужен сосед во врска со нашиот спор, кој е единствена пречка н патот кон евроатланските интеграции.

Грција се соочува со сериозни предизвици и ние гледаме со разбирање кон тоа, свесни за напорите кои и Грција, но и цела Европска унија ги вложува.

Но, апелираме за одговорен пристап и потенцираме дека нашите две земји имаат спор кон чие решавање треба да се пристапи со еднаква сериозност, без дополнително барање на изговори и алиби.

Секакви други дискусии, би биле сфатени како обид да се одбегне изнаоѓање на решение за нашиот спор.

Ние со оваа изјава ја истакнуваме нашата посветеност и заложба за изнаоѓање на решение ден поскоро, решение кое ќе биде прифатливо за двете страни и за граѓаните на двете земји, без победници и поразени.

Во функција на динамизирање на соработката и комуникацијата, предлагаме средби за унапредување на дијалогот и засилување на довербата, на различно ниво, помеѓу функционери од двете земји, и тоа на ниво на министри, премиери, или на било кое друго ниво кое тие ќе го определат, нешто, за што повеќепати сме се залагале и повторно го реафирмираме. Исто така, сметаме дека динамизирање на разговорите во рамките на Обединетите нации е значајно и неопходно, процес, кој треба да продолжи со интензитет и суштина, а во кој се очекува изнаоѓање на решение.

Второ, со цел подобрување на атмосферата и зајакнување на довербата, предлагаме реализација на иницијативи кои значат оплеменување на односите меѓу двете земји, нешто на што повеќепати досега сме инсистирале, како регулирање на битни сфери кои се од корист и за граѓаните и за компаниите од двете земји, и тоа:

1. Потпишување на Декларација за пријателство и соработка 

2. Основање на заеднички образовно-историски комитет

3. Потпишување Рамковен предлог за унапредување на билатералните односи меѓу РМ и РГ.

4. Основање на заеднички комитет кој ќе биде составен од претставници на министерствата за внатрешни работи на двете земји, граничната полиција и царината

5. Договорно регулирање на економската соработка преку склучување договор за одбегнување на двојното оданочување.

6. Основање на заеднички контакт центар на министерствата за внатрешни работи на двете земји

За овие иницијативи досега имаме добиено негативен одговор, или немаме добиено никаков одговор, што не содејствува со вистински и рационален однос кон работите и покажува незаинтересираност за соработка. Се надеваме дека пристапот ќе биде променет, ќе се покаже европскиот дух затоа што позитивниот одговор на овие иницијативи од грчка страна значи засилување на економската соработка која е извонредно бита за сите земји, превенција и борба против криминалот и модерните предизвици на загрозување што ќе има функција и во поглед на НАТО димензијата, и би значеле практикување на добрососедството.

Исто така, во функција на конкретно подобрување на условите за соработка на граѓаните и бизнисите од двете страни, а водејќи се од принципот на ЕУ за слободен проток на лица, услуги, стоки и капитал предлагаме

1. Отворање на нов граничен премин Маркова Нога-Герман, кој би бил во функција на сообраќајот меѓу трите земји во таканаречениот Евро-Парк Преспа.

2. Отворање на нов граничен премин Николиќ – Дојрани, кој би имал исклучително економско значење за македонскиот и грчкиот бизнис кои се концентрирани во овој регион.

3. Реактивирање на граничниот премин Сеово, кој е и иницијатива на општините Гевгелија и Аксиополи(Бојмица) кои имаат воспоставено редовна и успешна прекугранична соработка, со што ќе биде растоварен сообраќајот на ГП Богородица,

За овие иницијативи имаме одговор дека тоа не е приоритет за Грција. Прифаќањето и реализацијата на истите ќе биде од директно значење за подобрување на условите за трговска размена, посети, туристичка функција, и останати придобивки за граѓаните и компаниите од двете земји.

Конкретниот, и пред се позитивен одговор на овие наши иницијативи, и отпочнувањето на процесите за нивно финализирање, ќе биде единствениот и неоспорен показател дека Грција сака создавање на позитивна клима и атмосфера со својот сосед, битни за надминување на сите предизвици, и за реализација на нашите и регионалните европски и евроатлански интеграции, што ќе овозможи сигурност, стабилност и услови за дополнителен развој.

Ние на односите со Грција, и на спорот кој Грција го наметна пристапуваме одговорно и посветено, за нас тоа е важно прашање кое треба да се реши за да се овозможи наша интеграција и реализација на нашите стратешки определби, и за да се подобри состојбата на граѓаните на секое ниво, и тоа прашање го има полното наше внимание. Затоа ја повикуваме Грција на конструктивен однос и позитивно насочување на енергијата. Подготвени сме за дијалог, за разговор, за аргументација, на средби на секое ниво, директни и под покровителство на Обединетите нации, се со цел унапредување на нашите односи и надминување на отворените прашања.

Ајде да почнеме со овие конкретни иницијативи, кои имаат конкретна корист и значење. Само со позитивен одговор Грција ќе покаже дека има посветеност, дека има чувство за одговорност кон регионот и кон проширувањето на НАТО и посебно кон ЕУ, како што впрочем и истакнуваат дека се залагаат, во нивната стратегија. Пред се корист ќе имаат граѓаните од двете земји.