Мицкоски: Сите оние политички неработници кои седат дома и земаат плата, нема да одат повеќе на работа и да земаат плата

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во своето гостување во „Клик плус“ на ТВ21 истакна дека за разлика од порано, со сегашната Влада има поголема дисциплина и се работи, а сите кои седат дома и земаат плата, нема повеќе да земаат плата за неработење.

Сега има поголема дисциплина и се бара работа. Сите оние политички амнестирани и привилегирани неработници од било која политичка партија кои не одат на работа, а земаат плата, нема повеќе да одат на работа и нема повеќе да земаат плата. Без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци или од било кој друг етникум, потенцираше премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски нагласи дека или ќе работат за таа плата или нема да работат и посочи дека во рамки на институциите нема дисипација на енергија, кадри или било што.

Во однос на тоа како граѓаните ја гледаат работата на владата, премиерот Мицкоски истакна дека расте задоволството од работата на оваа влада, односно дека многу е поголем процентот на задоволни граѓани споредено со минатата влада.

„Ако направиме компарација од овие шест месеци на оваа влада и пред една година претходната влада ќе видите дека дури и мнозинството Албанци сега се позадоволни, во коефициент 2 повеќе од тоа што било порано, а генерално 3,5 пати повеќе граѓаните се позадоволни од минатото.“, изјави премиерот Мицкоски.