Мицкоски: Денеска од страна на Владата и на Пазарниот инспекторат ќе побарам вонредна инспекција и жестока акција поради драматично зголемување на цените на некои производи

„Веднаш после овој настан ќе имаме седница на Владата и ќе побарам од Владата односно од Пазарниот инспекторат една робусна, жестока акција затоа што добивам информации дека некои од маркетите шпекулираат и се служат со трикови“, изјави претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање околу однесувањето на трговците во однос на цените на новогодишната кошничка. 

Тој беше дециден дека со трикови не функционира и дека тие коишто мислат дека ќе прават трикови, се лажат. 

„Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го надоместуваат со зголемување драматично на некои други призводи кои што ги користат граѓаните, како маслото, лебот, млекото, млечни производи, шеќер, сол, јајца и слично. Трикови не може, тоа нема оваа Влада да толерира. Жестоко има да се справиме со овие што мислат дека не надмудриле. Нема такви коишто мислат дека со трикови ќе не надмудрат.

Мицкоски апелираше до големите трговски ланци да си го преиспитаат однесувањето.

„И ќе побарам од Пазарниот инспекторат детална анализа како е покачена цената во изминативе 30 дена на овие производи. Срамота е ова што го прават пред празниците коишто доаѓаат.  

Сакавме добра волја да покажеме, сакавме да се договориме, видете како враќаат. Ова не е коректно и јас денеска од страна Владата, од страна на министерот за економија и труд под чии ингеренции спаѓа Пазарниот инспекторат, ќе побарам вонредна инспекција, робусна акција и ова девијантно однесување со трикови да престане“, потенцираше премиерот Мицкоски.

„Не сакам понатаму да коментирам најпрво да излеземе на терен“, одговори тој на прашањето дали ќе има казни за трговците.