Ѓорѓиев: Владата ги повикува граѓаните да конкурираат за самовработувања, 110 милиони евра за компаниите, ветувањата се исполнуваат

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Водејќи се од одговорниот пристап, и посветеноста за подршка на компаниите, во времиња кога се чувствуваат ефектите од европската должничка криза, Владата на Република Македонија објавува дека

-во вторник, со потпишувањето на договор помеѓу вицепремиерот Ставревски и Европската инвестициска банка, ќе стартува операционализацијата на 100 милиони евра евтини кредити наменети за компаниите на кои Владата ја субвенционира и каматата во висина од 5,5%. Ова е исполнување на нашето ветување, и имплементација на соработката со бизнис заедницата и вреднување на нивните заложби. Заедно со претходните веќе доделени и искористени 150 милиони евра, ова значи ангажман на 250 милиони евра кои се наменети за компаниите, и ова е значајна подршка со оглед на околностите во опкружувањето. Од вторник натаму започнува процесот на искористување на овие средства и ги повикуваме компаниите да аплицираат за нив и да овозможат дополнителен капитал за вршење на својата дејност

 Сакаме да информираме и дека финишира и процесот на докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот, преку внес на 660 милиони денари или 10,7 мил.евра, со што се зголемува потенцијалот на банката за финансирање на развојни проекти во стопанството.  Договорот е подготвен и во текот на оваа недела се очекува негово потпишување и операционализирање. Средствата ќе бидат наменети за мали и средни претпријатија од областа на земјоделството, за обртни и основни средства, под поволни услови.

Во однос на проектите за самовработување на 450 лица за оваа година, досега преку првиот оглас се вработени 112 лица а за вториот оглас се имаат пријавено 128 лица чии апликации се разгледуваат и ќе биде одлучено во текот на месецот. Третиот оглас ќе биде распишан на 1 септември.

За самовработувањето на 550 лица за оваа година на 10.07, во втроник, ќе биде распишан оглас за пријавување кој ќе трае 20 дена, и апелираме заинтересираните лица да ја искористат оваа можност.

Потсетуваме и дека веќе тече јавниот повик за 1000 нови вработувања преку обука за познат работодавач, кој ќе трае до 17.7, и јавниот повик за ангажман на 4000 лица за вршење на јавни работи кој ќе трае до 20.07, и затоа апелираме заинтересираните да аплицираат за реализација на оваа можност за работен ангажман.

Вчера замина и втората група од 300 дечиња кои одат на бесплатен одмор во траење од 7 дена, а стартот на аплицирањето за добивање ваучер за компјутер за апсолвентите ќе стартува од септември.

Информираме и дека за легализација на објекти за земјоделска намена, измените на законот поминаа во прво читање во собрание и очекуваме усвојување во наредните денови. Земјоделците ќе можат преку општините да ги легализираат објектите со само три документи, државјанство, елаборат, и сметки, и изјава дека објектот не е изграден по април 2011, со одобрение од МЗШВ . Ова ќе овозможи да го зголемат својот фонд, пристап до кредити и да аплицираат за ИПАРД средства

Програмата за доделување на 850 хектари државно земјиште на плодоуживање на социјално необезбедени лица во 24 општини, помина на владина седница. Оваа недела ќе биде потпишан Меморандум меѓу министервото за земјоделие и за труд и социјала, и со тоа ќе стартува процесот. Заедничка работна група ќе ги запознае земјоделците со парцелите и ќе им помогне во апликацијата и добивањето за истите. Процедурата започнува кон крајот на месецот.

За легализација на нерегистрирани трактори и тракторски приколки се изготвени измените и треба да бидат процесуирани.

Извршено е и зголемување за 100 денари на надоместокот за енергетска сиромаштија, и новиот износ од 700 денари ќе биде исплатуван од почетокот на грејната сезона

Почитувани,

Владата ќе продолжи со спроведување на економско социјалната политика. Реализацијата на овие мерки значи дека ги исполнуваме ветувањата, кои се од корист и од интерес за граѓаните и компаниите. Повикуваме на искористување на средствата за компаниите кои ги обезбедивме во висина од 110 милиони евра, за аплицирање за добивање на земјоделското земјиште, легализација на објектите и опремата, за користење на ваучерите и бесплатниот одмор за децата, и за поголем ангажман за аплицирање за мерките за вработување и самовработување, што е е во интерес на сите нас граѓаните,и Владата како и досега тоа ќе го поддржува.