Форум за општествена одговорност – еднакви права за сите вработени

Да се унапреди формата на заштитните друштва како можност за вработување лица со посебни потреби, но и отворање на големите компании и јавната администрација за овие лица. Неопходно е и натамошно развивање на јавната свест и општествената одговорност за потребата од вклучување на овие лица на пазарот на трудот, сметаат дел од учесниците на тематскиот форум „Општествена одговорност – еднакви права за сите вработени“.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски смета дека од особено значење е развивањето на свеста за општествена одговорност посебно, како што рече, кај приватните субјекти за вклучување на лицата со посебни потреби во функционирањето на нивните компании.

- Сметам дека во Македонија работите се движат во позитивен правец. Ако до пред некоја година беше табу да се говори за вклучување на лицата со инвалидност во државните и приватните фирми, денес тоа не е така. Ситуацијата и сега не е совршена, но патот по кој се движиме е правилниот и резултатите сами ќе дојдат, рече Ристовски.

Тој информира дека во Мкаедонија во моментов функционираат околу 400 заштитни друштва кои вработуваат околу 8.000 лица со посебни потреби. Тие, рече Ристовски, се добар модел за вработување на лицата со посебни потреби.

- Овие друштва во минатото често биле предмет на дискусија и за нив имаше сомневања дека ги злоупотребувале средствата наменети за вработување инвалиди. Со последните законски измени кои тредвидууваат најпрво да им се исплатат плати и надоместоци на вработените, а потоа да се аплицира за средства од државата, тие се исфилтрираа и останаа само оние кои законски работат, рече Ристовски.

Додаде дека е добро да се отворат уште вакви друштва со цел да се вработат што е можно повеќе лица со посебни потреби.

Претседателот на граѓанското здружение Полио Плус Ѕвонко Шаврески смета дека состојбата со вработувањето на овие лица треба и натаму да се унапредува, но, додава, треба полека да се напушта принципот на заштитни друштва, а за лицата со посебни потреби да се отворат големите компании и јавната администрација.

Според него, во земјава нема податоци за бројот на лица со посебни потреби, ниту за нивното образование, афинитети и работни способности.

Денешниот Форум претставува интегрален дел од серијата активности во рамки на проектот „Поддршка за реализација на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија“.