Попоски: Новата Влада во Атина и Кипарското претседателство - можност за исчекор, но потребни се конкретни гестови

Заложбите за исчекор во однос на проширувањето на ЕУ од страна на новата грчка Влада е одличен почеток и отвора нови можности за евроинтеграцијата на Македонија. Оваа можност дефинитивно може да биде искористена, особено ако се има предвид влијанието на Атина кај Кипар, актуелниот претседавач на Унијата, но почитуваме конкретни гестови, оцени  министерот за надворешни работи Никола Попоски на денешната средба со новинарите.     

Тој поздравувајќи го формирањето Влада во Грција, со што вели, се создава подобра предвидливост, го повтори конструктивниот став на Македонија и укажа оти смета дека има бројни можности за конкретни активности и гестови кои ќе градат мостови меѓу двете земји.

- Тоа што го слушнав е дека декларативно се искажани заложби за исчекор. Наша порака на тоа е дека потребно е да се искористат сите можности кои постојат во моментов за грчката Влада да потврди преку гестови таа конструктивност или заложба за одржување на процесот на проширување со сите земји кои се потенцијални кандидати за членство во НАТО и ЕУ. Мислам дека фактот што Кипар го презема претседателството со ЕУ отвара една огромна можност, особено со оглед на тоа што одлуките за проширувањето во однос на натамошните интеграции, особено во поглед на Република Македонија се носат во Атина. Ние сакаме да видиме дека таа можност ќе биде искористена, рече шефот на дипломатијата.

Од она што дојде како најава од Кипарското претседателство за претстојните шест месеци во поглед на проширувањето каде,  само РМ не фигурира никаде, како што рече, не дава за право да веруваме дека се работи во правец на искористување на таа можност, но мисли дека „треба да ја оставиме вратата отворена и да ни покажат оние кои ги носат одлуките дека навистина сакаат да помогнат за интегриран, просперитетен и мирен Балкан“. 

- Мислам дека и изјавите во Парламентот на министерот за надворешни работи е дека Грција сака да биде конструктивна и дека гледа принципиелно благонаклонето кон натамошното проширување. Доколку таа заложба е вистинита треба да се искористат некои од овие можности за да се придвижиме било да се работи за влегување во втора фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, било да е во моментот кога ќе се носат одлуките за почнување на преговори во текот на ова претседателство. И со оглед на влијанието кое го ужива Атина таму во претстојните шест месеци мислам дека оваа можност дефинитивно може да биде искористена. Но, нагласувам дека почитуваме конкретни гестови и дека заложбите се одличен почеток, посочи Попоски. 

Тој се осврна и на реафирмирањето на иницијативите покренати од македонска страна до Грција за градење клима за подобрување на билатералните односи. Станува збор за стари иницијативи, некои од кои датираат уште од Времената спогодба, а кои или се одбиени или се отфрлени или нерма одговор од грчка страна.

- Мислам дека е значајно да ги повториме иницијативите бидејќи тука постојат конкретни примери на соработка која може да даде придонес и позитивни ефекти од двете страни на границата. Тоа е во директен контраст со онаа декларирана заложба за градење клима за подобрување на односите. Клима не се гради само преку изјави туку многу подобра клима се гради преку конкретни гестови. Нам не ни недоставуваат дебатни форуми во тие релации за тоа што не раздвојува, туку ни недостасуваат конкретни проекти кои не приближуваат. Ако го отвориме преминот Маркова Нога, бенефитот е недвосмислен, конкретен и е дефинитивно гест на добра волја и посвтетеност на двете страни од границата, рече Попоски.

Главната порака, подвлече, е дека премногу сме преокупирани со дебатирање на оваа тема, а воопшто не посветуваме енергија на конкретни гестови. - Отворени сме за соработка, вие решете кои гестови да ги направиме, но дајте да направиме, да не зборуваме за добрососедски односи и во исто време да лепиме налепници кои се навредливи, бесправни и немаат никаква основа, вели Попоски.

Шефот на македонската дипломатија информира и дека засега нема најави од медијаторот на ОН во грчко-македонските разговори за името Метју Нимиц за нови иницијативи или средби, но очекува поинтензивни активности од негова страна по формирањето на новата Влада во Атина.

Инаку, тој, како што наведе, со задоволство би се напил кафе во Воден со неговиот нов грчки колега Димитрис Аврамопулос, но рече дека не планира да замине на годишен одмор во Грција.