Почнува реконструкција на железничката инфраструктура од Коридорот 10

Владата денеска го најави официјалниот почеток на реконструкцијата на железничката инфраструктура од Коридорот 10, со подготовка на проектни студии и проектната документација за железничките делници Куманово-Дељадровце, Драчево-Велес и Битола-Кременица. Проектот во износ од 1,4 милиони евра се финансира со 1,24 милиони евра од ИПА компонентата за регионален развој и 200 илјади евра средства од Буџетот на Република Македонија.

- Проектот е фокусиран на подготовка на проектни студии и документација за овие коридори со цел комплетнирање на целокупната документација со што Македонија ќе има зрели проекти за натамошни чекори кои ќе доведат до целосна рехабилитација на железничката инфраструктура, рече на денешната прес-конференција во Владата министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Според него, имплементацијата на вакви проекти во железничката инфраструктура во земјава како стратешка транспортна точка во регионот ќе ги зајакне врските со соседните држави, но и протокот на стоки од и во Македонија. Проектот, како што рече, е и потврда дека институциите на системот имаат доволен капацитет да спроведуваат проекти во соработка со ЕУ и да влечат средства од ИПА фондовите.

Средствата за изработка на проектната документација за овие три железнички делници изнесуваат 1,45 милиони евра, од кои најголем дел 1,24 милиони се обезбедени преку ИПА компонентата за регионален развој, а останатите 200 илјади евра од буџетот на Република Македонија.  

Приоритет ќе биде реализацијата на делницата Битола-Кременица, која, како што рече министерот, е значајна за разој на регионот на Пелагонија и поврзувањето со Грција. Делницата треба да почне да се реконструира во 2013 година, работите ќе се изведуваат 24 месеци. Предвидено е рехабилитацијата да чини околу 9 милиони евра од кои 8,6 милиони повторно ќе бидат обезбедени од ИПА компонентата за регионален развој, а останатите 400 илјади евра од буџетот на Република Македонија.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, подгоготвката на проектите за рехабилитација на железничките линии на двата коридора е увертира за една голема инвестиција во железничкиот сообраќај.

- Во периодот од 2014 година Македонија ќе почне со имплементација на проекти во износ од околу 22 милиони евра кои ќе се финансираат во рамки на оперативната програма за регионален развој, а предвидуваат активности за секторот железници поврзани со двата железнички паневропски коридора во Македонија, посочи Ставрески.

Тој додаде дека како позначајни од овие проекти кои ќе имаат ефекти за граѓаните на Република Македонија,  се реконструкцијата и модернизација на железничките станици. За реконструкцијата на Железничката станица во Скопје во вредност од 2,7 милиони евра, се очекува тендерот да биде распишан следниот месец, а работите да почнат наредната година. Следната фаза, како што додаде, е реконструкција на сите железнички станици долж Коридорот 10, што се очекува да чини околу 6 милиони евра.

- Ќе се рехабилитираат сите железничките станици кои се во најлоша состојба и имаат потреба од итна рехабилитација, и на тој начин ќе се подобрат условите за граѓаните кои ја користат железницата, рече Ставрески.

Проектот, како што истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски ќе го зголеми капацитетот на Коридорот 10, ќе ја зголеми брзината на движење, ќе бидат намалени негативните ефекти врз животната средина, ќе биде подобрена безбедноста, ќе се зголеми протокот на меѓународната трговија, на товарниот сообраќај, а ќе придонесе и кон зголемување на компетитивноста на коридорот 10 во однос на коридорот 4.  Коридорот 10, додаде,  е важен за Македонија бидејќи над 90 отсто од трговијата се одвива преку него.

Евроамбасадорот Аиво Орав на прес-конференцијата истакна дека Европската унија вложува во транспортната инфранструктура и потенцира дека и во иднина ќе поддршката на транспортниот сектор во Македонија останува приоритет. Според него, целта е да се создаде единствена транспортна мрежа која е важна за подобрување на социекономските услови.  

Железничкиот Коридор 10 во Македонија кој е основен елемент на централната транспортна мрежа, почнува на север од граничниот премин Табановце и завршува со јужниот граничен премин во близина на Гевелија. Кракот 10д од Коридорот 10 почнува во Велес и завршува на граничниот премин Кременица во близина на Битола. Со рехабилитацијата, брзината шна движење ќе се зголеми на 120 или 160 километри на час.

Најголемиот дел од железничката инфраструктура во Македонија не е реновирана во последните 30 години. Осум отсто се рехабилитирани во изминатите 10 години. Пред 20 години низ македонските железници се превезувале 10 милиони тони стока на годишно ниво, а денес 3 до 4 милиони тони.