Шпинделегер-Лајчак: Местото на Македонија е во ЕУ и НАТО, името да не ја блокира интеграцијата

Австрија и Словачка силно ја поддржуваат интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО. Веруваат дека земјата предолго чека за почеток на преговорите со ЕУ и затоа ќе лобираат во ЕУ за донесување одлука за старт на пристапните преговори до крајот на годината, истакнаа на заедничка прес-конференција во Скопје вицепремиерите и шефови на дипломатиите на Австрија и на Словачка, Михаел Шпинделегер и Мирослав Лајчак по средбата со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.

- Веруваме дека 2012 треба да биде година на Македонија. Веруваме дека Македонија предолго чека. По седум години кандидатски статус веќе е време по препораките на Европската комисија да се преземат следните чекори. Затоа ќе лобираме во Европската унија за донесување одлука за почеток на преговорите со вашата земја до крајот на годината, рече австрискиот вицеканцелар и министер за европски прашања и надворешни работи Михаел Шпинделегер.

Според него, Македонија треба да е задоволна со постигнатото досега, но потребни се дополнителни напори. Во тој контекст земјата треба да го искористи пристапниот дијалог на високо ниво како инструмент за постигнување напредок. Фактор кој ќе ја поттикне Македонија напорно да продолжи да работи е, рече, неодамнешното почнување на преговорите на ЕУ со Црна Гора и влезот на Хрватска во Унијата следната година.

Тој се осврна и на спорот за името кој стои на патот на евроинтеграцијата на земјата.

- Спорот за името е особено чувствително прашање. Свесни сме за тоа, но сепак станува збор за билатерално прашање и тоа не треба повеќе да го блокира стартот на пристапните преговори. Мора да го раздвоиме прашањето за името од почетокот на преговорите со јасна порака дека ова прашање мора да се реши пред да завршат преговорите, подвлече Шпинделегер.

Според него, важно е Македонија да не се опушта туку да биде проактивна за името и да се воздржува од какви било провокативни активности кои, како што вели, би можеле да бидат искористени како изговор за нови блокирања.

- Постојат многу предизвици, но ние можеме да ве поддржиме во ЕУ ако вие ја завршите својата работа, рече шефот на австриската дипломатија.

Словачкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Мирослав Лајчак рече дека посакува Македонија да биде следната земја која ќе ги почне преговорите со ЕУ и оти Братислава и Виена ќе помогнат во тоа, а земјата треба во целост да се фокусира на реформскиот процес.

Одговорајќи на новинарско прашање, Лајчак посочи на начинот на кој се носи одлуката за почнување пристапни преговори.

- Процесот на почнување преговори има технички и политички аспекти. И додека техничките лесно се воочливи, во политичкиот дел треба да ги убедите сите 27 членки дека имате политичка волја за решавање на билатералното прашање, рече Лајчак.

Тој ја искористи можноста и да потсети на придонесот на Македонија во НАТО и на одлуката од Самитот на Алијсаната во Чикаго каде е одлучено следниот ваков собир на врвот да биде собир на проширувањето, и оти посакуваат Македонија да стане полноправна членка.  

Нивниот домаќин министерот за надворешни работи Никола Попоски посочи дека оваа трилатерална средба и искажаните пораки претставуваат силна поддршка за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО. Посочи дека во рамки на пристапниот дијалог Македонија сака да испорача што е можно повеќе резултати што ќе овозможи во што пократок рок да добие датум за почеток на преговорите.

Одговорајќи на новинарско прашање, Попоски рече дека со оглед на досегашното искуство не е премногу оптимист во очекувањата од новата грчка Влада.

- Ние сме целосно посветени со која било грчка влада да имаме отворен дијалог за надминување на сите прашања коишто стојат на патот на нашите билатерални односи. И со оваа, како и со претходни влади, оценката за конструктивност и искреност во пристапот ќе ја носиме врз основа на гестовите, а не врз декларативните заложби. Постои навистина голем број проекти кои може да бидат реализирани доколку постои добра волја од двете страни на границата. Со фокусирање на енергијата на новата грчка Влада да се реализираат што е можно поголем број проекти кои ги поврзуваат двете земји и градат мостови помеѓу нас ќе се испрати сигнал дека постои посветеност за надминување и на клучното билатеално прашање, рече Попоски.