Изречени 25 решенија за забрана за вршење дејност за работа на отворено на високи температури

Министерството за труд и социјална политика вчера и завчера изрекло 25 решенија за забрана за вршење дејност  на фирми што не ги почитувале препораките  да не ангажираат работници на  терен во период кога се највисоки температурите и е најголемо зрачењето.

Според министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, веќе од денеска ќе следи и објава на имињата на фирмите за кои инспекцијата ќе утврди дека не ги почитувале препораките  за неизложување на работниците од 11 до 17 часот  и казни согласно  Законот за безбедност и заштита при работа.

- Со оглед на зголемувањето на температурите и зрачењето вчера издадовме последна опомена, но тоа не значи  дена никој не е  казнет. Во текот на вчерашниот и завчерашниот ден  се изречени 25 забрани за вршење дејност. Инспекторите на трудовата инспекција се веќе на терен. Апсолутно опстојуваме на она што го соопштивме вчера.  Ќе нема никакви толеранции и сите буквално ќе бидат  идентично третирани, без оглед кој и да е работодавач, ќе бидат  изрекувани забрани  за вршење дејност, а од друга страна ќе се  изрекуваат и веќе се изрекуваат соодветни  казни, рече Ристовски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата за проектот за кредитирање микро и мали претпријатија.

Според него, доколку во текот на денов се утврди дека фирмите на кои вчера им е изречена забрана ќе бидат казнети согласно Законот за безбедност и заштита при работа.

-  Станува збор за исклучително тешки временски услови и нема логика  кој било да биде толериран да извршува работни задачи  во периодот од 11 до 17 часот. Ја разбирам потребата и на граѓаните да добијат нови улици и крстосници, меѓутоа треба да се има предвид дека елементарно човеково право е  на секој работник да му се обезбедат нормални услови за работа. Моментно во надворешни услови нема елементарни услови за работа во период од 11 до 17 часот  и  ќе продолжиме да го спроведуваме законот  без  разлика кој е работодавачот и на каков проект се работи, нагласи министерот за труд и социјална политика. 

Поради изречените забрани за вршење дејност стопирани се градежните работи на  објектот на „Водовод и канализација“, на булеварот „Климент Охридски“, кружниот тек во Општина Ѓорче Петров, повеќе катни гаражи....

Најголем дел од компаниите што работат на отворено се ангажирани на проекти од локалните самоуправи за асфалтирање. Со оглед на најавите за зголемување на температурите и зрачењето Ристовски вели дека  лично се обратил до неколку градоначалници во општини каде се реализираат проекти на отворено.  - Наидов на  целосно разбирање и поддршка бидејќи  некои од нив и самите веќе имаа изречено сугестии до компаниите што им ги изведуваат проектите да ја намалат својата активност во периодот  од 11 до 17 часот. Бидејќи неколку пати  е  јавно кажано  од денеска  нема да ги криеме субјектите кои ќе извршуваат работни задачи во тој период,  наведе Ристовски.

Прашан за коментар на барањето од опозицијата  МТСП да го казни претседателот на Собранието Трајко Вељаноски затоа што дозволил ангажман на градежни  работници во изградбата на дел од собраниската зграда на високи температури Ристовски појасни дека  се казнува фирмата изведувач на работните задачи.

- Без оглед дали се тоа владини или приватни проекти компанијата е одговорна за  обезбедување услови за безбедност и заштита при работа. Јас тој  повик на опозицијата повеќе го разбирам како желба за остварување некакви политички поени. Тоа реално нема никаква врска со формално-правниот  систем  во државата. Се прави и ќе се прави надзор  на сите фирми без оглед дали работат на владин проект или на проект  на некоја од општините, или на Собранието, за нас компаниите се идентични.  Повикот за санкционирање на претседателот на Собранието е само еден обид за извртување на реалноста и за остварување минимум политички поени кај  опозицијата која очигледно во недостиг на идеи се обидува и зрачењето на сонцето да го искористи за сопствени политикки цели, посочи Ристовски.