МЕП Муртезани во Атина на средба со грчката заменик-министерка за надворешни работи, Александра Пападопулу

Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денес во Атина оствари средба со заменик-министерката за надворешни работи на Хеленската Република, амбасадорката Александра Пападопулу.

На средбата беше реафирмирана заедничката заложба за унапредување на добрососедските односи и продлабочување на соработката во клучните области од заемен интерес. Министерот Муртезани нагласи дека Северна Македонија и Грција, како две соседни, партнерски земји  и сојузнички во НАТО, треба да продолжат да работат на зајакнување на регионалната стабилност и економскиот развој, со посебен фокус на трговската и енергетската поврзаност, инфраструктурните проекти и секторската соработка.

Акцентот на разговорите беше ставен на европската интеграција на Северна Македонија, Планот за раст на ЕК за ЗБ и Реформската агенда на земјата. Министерот Муртезани изрази благодарност за поддршката што Грција ја дава за нашиот евроинтегративен процес. Соговорниците констатираа дека повеќе од две децении по историскиот ЕУ-ЗБ Самит во Солун во 2003 година, кога Унијата ја потврди европската перспектива на регионот, потребно е посилно и поефикасно дејствување за да се осигура дека интеграцијата останува кредибилен и остварлив процес.

Во тој контекст, Муртезани и Пападопулу отворено разговараа за предизвиците со кои се соочува Северна Македонија на патот кон полноправното членство, вклучително и неопходноста од надминување на отворените прашања кои влијаат на преговарачката динамика. Беше истакната важноста на реформските процеси, но и потребата од одржување на јасна и предвидлива европска перспектива за земјата. Од грчка страна беше реафирмирана подготвеноста за активно промовирање на европската иднина на Северна Македонија, обезбедувајќи политичка поддршка во рамките на европските институции.

Соговорниците дискутираа и за спроведувањето на Договорот од Преспа, при што беа разменети мислења за предизвиците, но и за механизмите преку кои двете страни можат проактивно да ги адресираат прашањата што произлегуваат од нејзината имплементација. Истовремено, беше нагласено дека Конечната спогодба создаде значајни можности за зајакнување на билатералната соработка и регионалното интегрирање, а досегашните резултати покажуваат дека со посветеност и конструктивен пристап може да се надминат сите предизвици и да се искористат сите придобивки што таа ги носи.

Во рамки на разговорите беа разменети мислења и за пошироките регионални случувања, со акцент на европската перспектива на Западен Балкан, потребата од одржување на стабилноста во регионот, како и за тековните предизвици поврзани со глобалните безбедносни прашања. Беше нагласена важноста на заедничкото дејствување во рамките на меѓународните организации, како НАТО, ОБСЕ и Советот на Европа, за унапредување на мирот, демократијата и владеењето на правото.

Министерот Муртезани се заблагодари за отворената и конструктивна дискусија и ја потврди подготвеноста на Северна Македонија за продлабочување на билатералната и регионалната соработка со Грција, како и за продолжување на реформите кои ќе го забрзаат европскиот интегративен процес.