Кор: Индија сака посилна политичка и економска соработка со Македонија

Мајка Тереза е уникатна личност која ги поврзува Македонија и Индија и народите на двете земји, истакна на денешната заедничка прес-конференција во Скопје индиската министерка за надворешни работи Пренит Кор со нејзиниот домаќин шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

Кор, која е придружувана од висока бизнис-делегација од претставници на Конфедерацијата на индиските индустрии, рече дека денешната посета доаѓа по престојот на премиерот Никола Груевски на Индија во март во рамки на која беа презентирани можностите за инвестирање во Македонија.

- Оваа посета е показател на желбата на Индија да ја зајакне политичката и економската интеракција со Македонија, рече Кор.

Според неа, постои голем потенцијал за развој на туризмот, како и за соработка во повеќе области за што во разговорите со Попоски дефинирале повеќе можни иницијативи.

Министерот Попоски ја оцени денешната посета како исклучително важна со оглед дека е прва посета на владин претставник на Индија, земја која има особен интегритет и кредибилитет на светската политичка сцена. 

- Заклучивме дека развојот на односите се одвива во посакуваниот правец, но се уште има потенцијал за нивно натамошно продлабочување во области од заеднички интерес, рече шефот на македонската дипломатија.

Тој ги посочи економската соработка, зајакнувањето на трговската размена и зголемувањето на индиските инвестиции. По тој повод на денешната средба во Скопје беше потпишан и Меморандум за разбирање меѓу претставници на Конфедерацијата на индиските индустрии и на трите стопански комори од Македонија - СКМ, ССК и СКСЗМ.

Во разговорите Попоски и Кор се осврнале и на прашања од регионално значење, како и на соработката во областа на мултилатералата. Во тој контекст шефицата на индиската дипломатија се заблагодари на поддршката на Македонија за апликацијата на Индија за постојана членка во проширениот состав на Советот за безбедност на ОН.

Министерката Кор согласно агендата предвидено е да има средба и со претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски.